Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Кошарка > Најголем успех на сениорите на КК Вардар во историјата беше Куп пехарот во 2007 година
Најголем успех на сениорите на КК Вардар во историјата беше Куп пехарот во 2007 година

Најголем успех на сениорите на КК Вардар во историјата беше Куп пехарот во 2007 година

Кошаркарскиот клуб Вардар исто како и ФК Вардар и АК Вардар датира уште од првата година на основањето на С.Д Вардар далечната 1947 година. Во својата историја најголем успех за сениорите на КК Вардар беше Куп пехарот во 2007 година. Во продолжение текст посветен токму на тој пехар.

Дојде и тој ден – Вардар го крена Купот на Македонија..
На патот до историскиот успех на фај­нал­ејт турнирот во Битола најпрвин ги совладавме Фени индустри и Работнички, за во големото финале да славиме над Струмица со 73-66.
Чекањето заврши, а по неколку години разочарувања во финалните натпревари – Вардар на 15 април 2007 година се закити со трофеј, оној од Купот на Македонија. Марјан Лазовски беше стратегот кој ќе остане запишан во историјата како првиот што им донел трофеј на „црвено-црните“, кои во тоа време настапуваа под називот Вардар осигурување.

„Во тие години бевме толку блиску до трофеите, но ни бегаа низ прсти, па решивме да доведеме неколку квалитетни засилувања за да го направиме тој последен чекор. Го доведовме Перо Блажевски, кој дојде во нашите редови откако играше од Косово, а исто така се засиливме и со Горан Самарџиев, кој имаше тешка повреда поради која во Работнички не сметаа на него. Јас знаев дека е повреден, но и дека така квалитетен играч ќе ни биде добредојден во вториот дел од сезоната, се случи токму тоа и овие двајца играчи ни беа од огромна помош при освојувањето на трофејот “ – се присетува тренерот Лазовски.

Еден од клучните трансфери сигурно беше оној на Карлос Морбан од Фени индустри во Вардар.

Битола беше градот каде го остваривме најголемиот успех во клупската историја, триумфирајќи на фајналејт турнирот на кој совладавме навистина силни екипи. Во четвртфиналето за противник го имавме Фени индустри, кој премногу лесно и убедливо го совладавме со 90-58. Во полуфиналето налетавме на Работнички, големиот ривал што по тешка битка успеавме да го победиме со 81-71. Тоа беше меч во кој извонреден беше Карлос Морбан со 24 поени, Хаџибулиќ постигна 18, а центарот Кире Павловски 16 поени за „црвено-црните“, кои заслужено се најдоа во финалето.

А таму  во битката за трофејот, што се водеше на 15 април 2007 година ги чекаше Струмица, незгодниот ривал предводен од темпераментниот тренер Кукулекидис, кој на крајот се покажа и како лош губитник.

Вардар беше фаворит во ова финале, но на почетокот не се снајде најдобро во оваа улога. Во првата четвртина нашиот тим постигна само шест поени (четири Самарџиев и два Павлоски) и губеше со 6-14. Карлос Морбан постигна 14 поени во втората четвртина и експресно стигнавме до израмнување на 28-28, за потоа повторно да следи кризен период во третата четвртина во која Вардар постигна скромни девет поени, а струмичани го контролираа резултатот и водството кое се движеше меѓу седум и девет поени. Во 29. Минута резултатот гласеше 33-44 за Струмица, но „вардарци“ не ни помислуваа да се откажат.

Шутот воопшто не ни функционираше, промашуваа од далечина и Самарџиев и Морбан и Ха­џи­бу­лиќ, од десет обиди за тројка во првото полувреме имавме само еден погоден шут. Без оглед на тоа, им порачав да не се плашат, бидејќи бев убеден дека ќе почнеме да погодуваме во серија“ – вели Лазовски.

ИГРАЧИТЕ КОИ ИСПИШАА ИСТОРИЈА:

Енес Хаџибулиќ

Горан Ѓоргиевски

Карлос Морбан

Филип Кралевски

Кирил Павловски

Филип Конзулов

Марјан Ѓуров

Перо Блажевски

Горан Самарџиев

Тренер: Марјан Лазовски

Помошен тренер: Борис Нешовиќ

.

Титула на брендот Вардар

Во периодот на најголемиот клупски успех претседател на КК Вардар беше Мирослав Котевски, кој не го криеше воодушевувањето по големиот триумф во Битола.
„Сите играчи и тренерот се заслужни за ова. Са­кам титулата да му ја посветам на Вардар како бренд, како име, име што се поставува на спортската сцена во Македонија. Сакам да им се заблагодарам на сите кои веруваа докрај де­ка ќе победиме, особено на спонзорите“ – гла­се­ше првата изјава на тогашниот претседател Ко­тевски по историската победа над струмичани.

Откако во голем стил стигнаа до куп-трофејот, нашите кошаркари заслужено ги собраа и индивидуалните признанија на фајналејт турнирот што се играше во Битола.

Карлос Морбан беше најдобар стрелец на овој турнир со вкупно 65 по­стигнати погодоци, одличниот плејмејкер згора на тоа го доби и признанието за најкорисен играч на завршниот турнир, додека наградата за најдобар дефанзивец заврши во рацете на уште еден „вардарец“ – Марјан Ѓуров.