Викендов на програмата беше 12.коло во Македонската кугларска лига, во истото бевме домаќини на екипата на КК Империал Тобако ТКС. Момците од КК Вардар победија и овој пат повторно со максимални 8-0. На овој дуел сетови доминиравме и бевме подобри со резултат 17-7. Избраниците на Драги Димитровски соборија 3204 “дрва“, или 208 повеќе од противникот кој застана на бројката 2996.
Добрата игра и солидните постигнувања на црвено-црните “лансираа“ тројца момци во топ-6 на колото, односно повторно половина од идеалниот тим е црвено-црн. Највисоко место има Влатко Стојановски, тој е на позицијата број два ова 12.коло во иделниот тим. Влатко беше број еден на дуелот со Империал впишувајќи скор од 562 ( 337+185) соборени “дрва“. Во нашите редови втор скор имаше младиот Георг Поп-Крстев кој зад своето име впиша скор од соборени 545 (355+192). Младиот вардарец повторно најде место во топ-6 листата и ова коло, за него е резервирана 4-тата позиција. Веднаш зад него во “идеалните шест“ се најде капитенот Миле Димковски. Искусниот вардарец имаше соборени 542 (378+164) “дрва„ и повторно поентираше за нас.
Идното 13.коло на прогамата е следниот викенд, во него не очекува дербито за вице-шампионската титула со единствениот конкурент КК ГТЦ Мусандра во гости. Тој дуел ќе се игра 10.март (сабота) во кугларницата “Мусандра“ во Градскиот трговски центар Скопје.