Една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата Јелена Антиќ по речиси една година го напушта Баскет Кам и во новата сезона ќе биде член на тимот на Вардар.
Во екипата од Македонска Каменица, таа играше последната полусезона, таму се врати по долгата пауза поради повреда и со неа го освои пехарот во Купот на Македонија и стигна до финалето од плејофот. Вардар е нова македонска епизода во кариерата на Антиќ која на почетокот од својата кариера играше и во Младинец, пред една сезона да помине во странство.
Играше во Србија, Израел, Шведска, Романија…, освои три титули во женската АБА лига, настапуваше и во женската Евролига и којзнае каде ќе стигнеше да не беше тешката повреда поради која за малку не ја заврши играчката кариера.
Во својот нов клуб, Антиќ повторно ќе соработува со Александар Ашаданов чиј асистент е таа во женската сениорска репрезентација на Македонија. Ангажманот на Антиќ го прави Вардар сериозен претендент за трофеите во македонското првенство. Претходно клубот го задржа костурот на екипата и ги продолжи договорите со Едина Муса, Нина Зафирова, Симона Деловска, Ана Цветковска, Драгана Петковска и Тамара Гилева.
Извор: kos.mk