Конечно дојде и денот “Д“ за црвено-црниот кугларски колектив кој утре ќе го игра кугларското дерби на Република Македонија. Мечот Кк Макпетрол – Кк Вардар според распоредот ќе се одигра во сабота од 11-00 часот во кугланата при С.Ц.“Борис Трајковски“. Овој дуел ќе се одигра на патеки 5-8, на истиот формален домаќин се “пумпашите“.
Овој дуел несомнено ќе го одлучи шампионот на Македонија за сезоната 2015/16. Шампионот на македонското куглање Кк Макпетрол кој владее со овој спорт суверено повеќе од деценија ипол, како никогаш досега е близу до губење на овој примат. Вардар предводен од клупата од одличниот стратег Драги Димитровски е во идеална форма, која од меч во меч иде во нагорна линија. Дуото Димитар Димитровски-Бојан Влаќевски е во животна форма, тоа што постојано ги држат позициите 1-2 на топ-6 изборот со недели наназад е доволен доказ. Пролетната полусезона во одлична форма ја играат и Донковски, Јакимовски, Димковски и Згонац. Треба да се напомене дека минатото коло Вардар со 3608 “соборени дрва“ постави нов рекорд во 1.МКЛ, откако се игра во формат од 120 кугли. Вардар фанс им изразува целосна поддршка, на нашите момци во овој епски дуел, сите љубители на црвено-црните бои може да присуствуваат на овој меч -БЕСПЛАТНО.