Оваа година повторно Вардар ќе биде домаќин на најсилните екипи од ЕХ Ју просторите во рамки на вториот вардаров Интернационален турнир “8-ми септември“. Истиот ќе се одржи в сабота, на 8-ми септември во Скопје. Турнирот се организира по повод денот на независноста на Република Македонија. Денес пристигна потврда за уште еден силен учесник кој ќе го засили квалитетот на овој турнир.
Последен тим која го потврди учеството е екипата со звучно име, и одличен ростер, КК Партизан од соседна Србија. Станува збор за одлична екипа со голем квалитет, тие изминатата сезона во домашната Супер лига беа вице-прваци. Српската лига е екстремно квалитетно натпреварување каде играат голем број одлини играчи. Црно-белите покрај во лигата одличен настап имаа и во Купот на Србија во куглање каде дојдоа до големото финале. Тие по поразот од најдобрата екипа во таа земја во последните години, КК Београд завршија “сребрени“. За напомена КК Беoград лани беше освојувач на овој вардаров турнир, а на истиот ќе земе учество и оваа сезона и ќе го брани трофејот.