Викендов црвено-црниот кугларски колектив го одигра реванш мечот во полуфиналната фаза од Купот на Република Македонија. Ние како домаќини ја пречекавме екипата на битолска Хераклеа. Овој меч го одигравме во кугларницата “Мусандра“ во ГТЦ бидејќи нашиот домашен терен кугларницата во “Борис Трајковски“ не можевме да ја користиме заради субјективен пропуст на управата на овој спортски центар.
Вардар одигра просечен меч нанесувајќи им го вториот минимален пораз од 5-3 на битолските куглари во ова полуфинално соочување со нив. Избраниците на Драги Димитровски победиа со 3308 “соборени дрва“ на овој дуел, а противниците имаа 3214 “соборени дрва“. Со оваа победа во големото финале на Купот ќе се соочиме со моменталниот шампион во Македонската кугларска лига екипата на Макпетрол. Црвено-црните се актуелни шампиони во куп натпреварувањето и ќе се обидат да ја одбранат таа титула на мечот кој ќе се игра во кугларницата при спортскиот центар “Борис Трајковски“ на патеките од 1 до 4. Во реванш дуелот со Херакла успеавме да им го нанесеме четвртиот пораз по ред сезонава или шестиот од шест меѓусебни соочувања на овие две кугларски екипи. Кај нас на ниво на овој дуел единствено беше “Дијамантот“ на Вардар одличниот Димитар Димитровски кој единствен во двете екипи имаше резултат над 600, тој зад своето име впиша 618 “соборени дрва“. Димковски овој пат имаше втор скор со 574 “соборени дрва“, а Влаќевски кој немаше свој ден беше трето пласиран со постигнување 571. Јакимовски собори 547 “дрва“, Донковски 500, а зад своето име помладиот брат на Димитровски Димитар, Дарко забележа 498 “соборени дрва“. Во финалето на 2-ри Април ќе се сретнеме со Макпетрол кој успеаа да ја совлада екипата на Кк ГТЦ Мусандра со 7-1 во реваншот кој беше формалност од како на првиот меч нагости победиа со 2-6. Финалето ќе започне во 10-00 часот.