Во Македонската кугларска лига, МКЛ зад нас се веќе се одиграните 14 коло, а нашата цел на коло до крај веќе е остварена. Вардаровиот кугларски колектив имаше зацртано цел да биде “вице-шампион“ на македонското куглање и ја оствари. Вардарци завршуваат на втората позиција зад шампионот екипата на КК Макпетрол и пред последното коло кое е чиста формалност. Следен голем предизвик е Купот на Република Македонија во куглање во кој има измени на термините за неговото одигрување.
Како што известуваат од Кугларската федерација на земјава наместо на 29-ти месецов квалификациите ќе се играат на 6-ти мај, термин кој претходно беше резервиран за полуфиналните први натпревари. Па така на 6-ти идниот месец се закажани квалификациите во кугларницата “Мусандра“ при Градскиот трговски центар Скопје, куглана која е наш домашен терен. На истите ќе се одредат најдобрите четири колектива кои идат во идната фаза, тие ќе формираат два полуфинални пара кои на 13-ти мај ќе го играат првиот, а на 20-ти вториот меч од полуфиналето. Подобрите во овие дуели ќе влезат во борба за големиот пехар во ова натпреварување. Финалето годинава е закажано за на 27-ти мај, локацијата за истото ќе биде дополнително утврдена. По одбраната на втората позиција во МКЛ следна цел за црвено-црните е финале во Купот на Република Македонија. Во истиот лани бевме финалисти и завршивме со “сребро“, а годината претходно бевме освојувачи на истиот и големиот пехар во Купот заврши во нашите витрини.