Викендов на програмата во Македонската кугларска лига (МКЛ) е првото пролетно коло во истата, односно шесттото во оваа сезона. На есен се одигра само првиот круг, односно пет кола, а оваа пролет ќе се одиграат двојно повеќе дуели односно, десет меча. Вардар во ова прво пролетно коло е домаќин на екипата на КК ГТЦ Мусандра од Скопје во дербито за втората позиција на табелата.
Натпреварот помеѓу црвено-црните и ривалот од Скопје ќе се игра задутре, сабота, 20-ти јануари 2018. Истиот е предвиден да се игра со почеток во 11-00 часот, натпреварот ќе се игра во кугларницата “Вип“ при спортскиот центар “Борис Трајковски“-Скопје. Вардар влегува во овој важен дуел за вицепрвакот на МКЛ како второпласиран по првиот круг со 8 бода, ривалот има само 2.бода, но и дуел помалку во првата рунда. Со евентуална победа на избраниците на Драги Димитровски ќе направиме огромен исчекор кон одбрана на ланската вице-шампионска позиција која е цел и оваа сезона. Досега одлично ја исполнуваме целта иако во последните два преодни рока изгубивме тројца клучни играчи. Вардар на првата средба оваа сезона како гостин кај тимот на КК ГТЦ оствари победа, во тој дуел од првото коло ние триумфиравме со резултат 3-5.
Пред почетокот на овој натпревар на сениорските екипи на Вардар и КК ГТЦ Муснадра на “мегдан“ ќе искочат и двата јуниорски состави. Нашиот јуниорски состав има одлична есен каде забележа само еден минимален пораз и триумфи во сите други дуели кој ги одигра.