Saturday ,27 April 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > МАРКО ИВАНОВСКИ – НАЈУСПЕШЕН ПРЕТСТАВНИК НА АК “BАРДАР” НА ПОЛУМАРАТОНОТ- “TРЧАМЕ КОН ЦЕЛТА”

МАРКО ИВАНОВСКИ – НАЈУСПЕШЕН ПРЕТСТАВНИК НА АК “BАРДАР” НА ПОЛУМАРАТОНОТ- “TРЧАМЕ КОН ЦЕЛТА”

                Во саботата, на 8 април 2017 година, Кејот на р. Вардар, во населбата Аеродром, претставуваше вистински празник на спортот во Скопје и Македонија. Стотици спортисти, љубители на атлетиката и атлетски работници, дојдоа покрај мостот близнак, за да земат учество во традиционалната спортска манифестација “Tрчаме кон целта”. Покрај полумаратонската трка, на програмата беа застапени и трките на 5000 метри и детска забавна трка на 1000 метри до 12 години, за деца родени 2006 година и помлади.

                Покрај активните атлетичари, во трките настапија и голем број рекреативци носени од желбата да ја проверат својата физичка подготовка и да постигнат подобри резултати од претходните. Полумаратонската трка на 21,5 км., во исто време претставуваше и Државно првенство на Македонија во полумаратон. Со оглед на силниот ветер во текот на целата трка, покрај километрите, маратонците машки се носеа и со временските услови , кои овој пат не им беа баш наклонети.

Ѓорѓи Вучков (селектор), Владимир Ивановски, Крсто Серафимовски (Претседател на АФМ), Марко Ивановски, Мирослав Бошковиќ (делегат на натпреварот)

Ѓорѓи Вучков (селектор), Владимир Ивановски, Крсто Серафимовски (Претседател на АФМ),
Марко Ивановски, Мирослав Бошковиќ (делегат на натпреварот)

                Она што треба да не радува, тоа е фактот дека после низа години, овој пат АК “Bардар” имаше рекорден број учесници. Предводени од својот тренер и легендата на македонското маратонско трчање, Трпе Мартиновски, надежите на Вардар храбро се бореа и остварија забележителни резултати. Она што особено радува е фактот дека сите пријавени атлетичари од нашиот клуб успешно ја завршија трката, и дадоа придонес името АК “ Вардар” повторно да се спомнува во спортската јавност.

                Првото место во полумаратонската трка му припадна на моментално најдобриот македонски среднопругаш и долгопругаш, Дарио Ивановски, кој постигна извонреден резултат 1:11,28 , со што докажа дека, ако вака продолжи, го очекува блескава кариера. Второто место му припадна на веќе докажаниот Кокан Ајановски, додека трет беше перспективниот Атанас Анчевски.

vardarfans-atletika

                Од АК “Вардар”, најдобро пласиран беше Марко Ивановски, кој го освои одличното 5 место. После повеќемесечните проблеми со повредите, Ивановски на голема врата се врати на атлетската сцена. Уште пред стартот се виде дека е подготвен и расположен за добар резултат. Неговото време  изнесуваше 1:19,22 , што му донесе и парична награда. Со право очекуваме неговата форма да дојде до полн израз на Скопскиот маратон, кој ќе се одржи за месец дена.

Трпе Мaртиновски

Трпе Мaртиновски

   А нашиот најдобар маратонец на сите времиња, Трпе Мартиновски, уште еднаш покажа дека годините не му претставуваат пречка и натаму рамноправно да се носи со далеку помладите конкуренти. Со постигнатиот резултат 1:21,59 , го освои 9 место.

                Влатко Јакимовски постигна време од 1:38,48 , освојувајќи го 41 место. Во своите настапи е лесно препознатлив, бидејќи секогаш настапува во црвено-црниот дрес.

                Треба да го пофалиме и настапот на Мартин Поповски, кој,  иако кратко време се занимава со маратонот, сепак го освои солидното 73 место, со време 1:48,46 .

                Повозрасниот брат на Марко, Владимир Ивановски го освои 117 место со резултат 2:05,07 . Обврските на работното место не му дозволуваат редовно да тренира, па дотолку е и значаен овој пласман.

                Во трката на 5000 метри, од АК “Вардар” настапи Игор Димитровски. Од вкупно 63 натпреварувачи кои ја завршија трката, Игор го освои 34 место со време 27:54 .

Членовите на Вардар со претставниците на Атлетската федерација на Македонија на чело со Крсто                 Серафимовски (претседател) и Ангеловски Дејан (генерален секретар)

Членовите на Вардар со претставниците на Атлетската федерација на Македонија на чело со Крсто
Серафимовски (претседател) и Ангеловски Дејан (генерален секретар)

                Со настапот на нашите атлетичари можеме да бидеме задоволни со оглед на условите во кои тренираат. Да им посакаме нови постигања и добри резултати на натпреварите кои треба да се реализираат согласно Календарот на Атлетската федерација на Македонија.

                Сепак на оваа атлетска манифестација нешто ни недостасуваше. Тоа е нашиот бисер, Петре Завировски. Со своите настапи, не научи постојано да го гледаме во водечките маратонци. Очекуваме наскоро повторно да го видиме со своето препознатливо трчање и неговите добри резултати.

                Како и во претходните години, така и овој пат, АК “Делта”, предводен од Перо Тодоровски, и со техничка помош од Кире Синадиновски,  со голем успех го организираше овој спортски настан.

професор:Мирослав Бошковиќ