Вардар вечерва го пречека тимот Железничар на Вујовиќ во рамките на второто коло од новата сезона во СЕХА Газпром лигата. Вардарци по исто сценарио како и против Металург дојдоа до победа. Одигравме прво полувреме во кое ни парираше противникот, ама во вториот дел на перфектен начин дојдовме до бодовите. Ние триумфиравме со резултат 35-20.
Вардар одигра полувреме топло – ладно. Тргна заспано со негатива дури од четири гола, но се разбуди и на пауза замина со предност. По само шест минути игра нашиот тим имаше негатива од 2-3. Веќе во 11. минута гостинот дојде и до предност од максимални плус три, 3:6. Во почетните тринаесетина минути одбраната на Вардар не функционираше, а во нападот само Чупиќ беше расположен за голови. Веќе во 14. минута Железничар дојде и до највисоки плус четири, 5:9. Работите дојдоа на свое место, веќе во 21. минута нашите играчи ја намалија предноста на гостинот, и со серија од неколку погодоци во 21. минута дојдоа до само гол негатива 10-11. По оваа серија, Вујовиќ побара тајм-аут. По минутата одмор, со два гола во серија преку Криштопанс и Калараш, Вардар дојде до егал резултат 11:11. На истекот на 25. минута, со голот на Криштопанс нашиот тим за прв пат дојде до предност на натпреварот, 12:11. Вардар додаде во нова брзина, па на полувреме замина со три голови предност, 14:11.
Вардар во вториот дел почна да ја зголемува постепено предноста. На почетокот отворивме со серија 4-0, па во 35.минута со голот на Карачиќ поведовме со 18-11. Веќе во тој момент најавивме дека проработе црвено-црната машина. Нашите момци покажаа повеќе од распонот на своите квалитети во вториот период. Во последните 10.минути влеговме со дотогаш најголемата предност од девет гола, на семафорот стоеше резултат 27-18 во корист на црвено-црниот тим. Во последните пет минути влеговме со предност од дури 12 гола, 31-19. Финишот беше чиста формалност ние победивме со високи 35-20.