Денес е празник за ракометот во Македонија, ни претстои голем натпревар во Лигата на шампионите. Во С.Ц Јане Сандански со почеток од 17:30 часот ќе гостува екипата на Веспрем од Унгарија, победникот од овој дуел во голема мера ќе го реши прашањето околу освојувањето на второто место во групата А.
Текот на денешниот дуел во голема мера ќе зависи од по еден ракометар во двете екипи. Кај домаќинот тоа ќе биде организаторот на играта Игор Карачиќ, а кај гостинот Кентин Мае. И двајцата во последно време играат во извонредна форма, па токму затоа главниот акцент го ставаме токму на овие играчи.
Игор Карачиќ по одличното Светско првенство продолжи да игра перфектно и во дресот на Вардар. На дуелот во Германија против тимот на Рајн – Некар минатата недела, средниот бек на Вардар постигна пет погодоци за кратко време, а во вториот дел одлично му асистираше на кружниот напаѓач Стоилов за перфектна негова партија. Очекуваме одличните игри да продолжат и Карачиќ да има уште една незаборавна вечер.
На спротивната стрна како што рековме ќе биде организаторот на играта на гостите Кентин Мае. Мае во последно време игра во добра форма, па така сигурно е дека во поголемиот дел од натпреварот ќе биде носител на играта на унгарскиот вице-шампион. Мае на првиот дуел одигра многу лошо против нашиот Вардар и постигна само еден погодок, не би имале ништо против да одигра така лош натпревар и денеска во Скопје. Останува да видиме како ќе се покаже французинот на жешкото гостување во нашиот главен град.
Бидете подготвени, не очекува епски натпревар на два великани!