Македонската кадетска репрезентација ќе се бори за пласман од деветтото до 16-тото место на Европското првенство во Удине.
Во првиот натпревар од нокаут-фазата нашите кошаркари доживеаја убедлив пораз од Русија и ја испуштија можноста за учество во четвртфиналето. Кошаркарите на Денис Дервишевиќ го одиграа својот најлош меч на шампионот и загубија со 70:45.
Потфрлија во сите елементи, не одеше ништо, а очигледно беше дека противникот добро ја анализирал нашата игра. Русија е прв противник што не надигра на ова првенство, а тоа го направи максимално уверливо.
Нашата селекција погоди само четири тројки од 26 шута, едвај 23% од ударите од игра, а го загубивме и нашето најсилно оружје од претходните натпревари – скокот. Ако против Шпанија, Израел и Летонија доминиравме во оваа категорија, сега Русија имаше 20 скока повеќе од нас, одлично го затвори Тони Симиќ, но и сите приоди кон својот кош.
Андреј Митревски беше единствен кој се истакна на реализаторски план, постигна 14 поени, но далеку од тоа дека може да се издвои од сивилото на репрезентацијата.
Следна цел за нашата кадетска селекција ќе биде борбата за опстанок. Прв противник на тој пат ќе биде Босна и Херцеговина и ако победиме, тоа ќе значи учество и на следното Европско првенство во А-дивизијата.
Во случај на пораз ќе се бориме за пласман од 13-тото до 16-тото место и во такви услови ќе мора да победиме на двата меча.
Во оваа селекција играат вардарците Павел Атанасов и Марин Петков кои против „зборнаја„ имаа заедно пет поени.
Извор: https://basketball.mk/cetvrtfinaleto-ostana-son-sledna-cel-opstanok/