Први победи во новата сезона за младинските екипи на ракометниот клуб Вардар, кои се натпреваруваат во своите првенствени групи.
Рк Вардар предводен од Слободан Чивлачки се натпреварува во првата младинска група. Во малата сала С.Ц. Јане Сандански се одигра меч помеѓу Вардар и Охрид 2013. Поуспешни беа црвено-црните, победувајќи со резултат 37:32. Во текот на целиот натпревар, нашите младинци имаа предност и на крај сосема заслужено победија. На полувреме се замина со двоцифрена предност од 23:13.
Одлично го започнавме и второто полувреме со серија од три погодоци, за веќе водство од 26:13. Во следните минуту следи одговор на спротивната страна, противникот враќа со серија од четири голови за симнување на негативата под 9 голови. Како одминуваше натпреварот, Охрид играше се подобро и полека ја топеше нашата игра. Имаше период кога гледавме несфатлив пад на Вардарци, кои им дозволија на Охрид да се доближат на само три голови разлика. Резултатот во 54 минута гласеше 31:28. Сепак до крајот не дозволивме изненадување и рутински го приведовме крајот. Во составот на Вардар, највеќе се истакна Чакалиќ Стефан, кој постигна 7 голови. Марко Мишевски беше стрелец на 5 погодоци.
Рк Вардар: Ставревски, Босиловски 2 ,Стојчевски 4, Овнарски 4, Чакалиќ 7, Јаховиќ 3, Барлаковски, Блажевски, Николов 3, Мицаноски 3, Бабанов, Мишевски 5, Кочаров, Давчев 2, Хаџидимовски 4.
Дербито во ова коло на младинската лига, се одигра помеѓу Вардар јуниор и Тинекс Пролет. Натпреварот заврши со нерешен резултат 22:22.
Избраниците на “Зенга“ влегоа во силен грч во овој дерби дуел. На теренот гледавме голема борба на двата тима, со брзо темпо на игра. Во шестата минута го постигнавме првиот гол, а првото израмнување 4:4 се случи во 12 минута. Противникот повторно успева да поведе, но сепак црвено-црните успеваат да израмнат на 7:7. Во следниот период следува серија на гостинскиот тим, кој за прв пат на мечот поведува со три голови разлика 7:10. Зенга го внесува на голот Куртановиќ, кој брани неколку удари доволни да го врати својот тим во игра. На полувреме се заминува со резултат 11:12.
Во текот на целото второ полувреме, Рк пролет 62 имаше постојано водство, кое на моменти достигна највисоки пет голови разлика 13:18. Вардарци никако не успеваа да ја пронајдат својата вистинска игра. Нашиот тренер се обидуваше да ги смири своите момци за да заиграат подобро. Како одминуваше мечот, црвено-црните полека се враќаа во игра и ја топеа предноста на противникот. Голманот Стојов блескаше во тие моменти на голот на Вардар, натпреварот добиваше поинаков тек. Успеваме да направиме серија од 4:0 за израмнување на резултатот 21:21, на три минути пред крајот. На крајот двете екипи постигнаа по еден гол, за конечни 22:22. Тинекс Пролет имаше последен напад за триумф, но не го искористи. Останаа уште три секунди, но недоволни да се направи нешто посериозно. Стефан Апостоловски беше најефикасен со 7 голови, 6 зад името на Дамјан Трајковски и 5 голови за Алија Амзоски.
Вардар јуниор: Куртановиќ, Стојов, Јаневски 1, Јорданов, Трајковски 6, Димитров 2, Апостоловски 7, Гичев, Лазов, Ѓошевски, Цветковски, Стоилевски, Амзоски 5, Степановски, Јовановски 1, Стојановски