Изминатиов викенд, четири генерации на фудбалскиот клуб Вардар го одиграа 4.коло во младинските лиги. Противник ни беше екипата на Шкупи, дуели во кои остваривме три победи и еден пораз.
Помладите пионери стигнаа и до третата последователна победа во лигата, откако на домашен терен ја „прегазија“ екипата на Шкупи со резултат 7:0. Тимот на Работнички и после ова коло останува лидер на табелата, откако славеше во дуелот со Еуроспорт, па со максимални 12 бодови се наоѓаат на првата позиција, додека Вардар е втор со 10 освоени бодови.
Пионерите се единствената наша генерација која има максимални 12 бодови после четири одиграни меча. И во ова коло немавме проблеми да стигнеме до нов висок триумф, победувајќи на домашен терен во дуелот со Шкупи (3:0). Во пионерската супер лига на втората позиција е Академија Пандев која има 10 бодови.
Кадетите на Вардар го претрпеа и вториот гостински пораз оваа сезона. Уште во првата минута примивме гол од Шкупи, и тој погодок се покажа како единствен до крајот на мечот. Нашите кадети имаат само 6 бодови после 4 кола, а лидер на табелата е Работнички со 10 бодови, исто толку но со послаба гол разлика на второто место е екипата на Шкендија.
Младинците иако играат со состав во кој преовладуваат играчи родени 2002 година, сепак по 4 кола држат чекор со екипите кои се претеденти за освојување на шампионската титула. Бевме убедливи на гостувањето кај Шкупи 0:3 и на тој начин го забележавме третиот триумф. Во младинската лига, Шкендија е прва со 12 бодови, следат Работнички со 10 и Вардар со 9 бодови.
Следното коло на програмата е дури на 12 и 13.октомври.