Црвено-црните стигнаа до четвртата победа во СЕХА-лигата, откако славеа на гостувањето кај екипата на Пекинг СУ. На „товарот’ на младите играчи, Вардар стигна до висок триумф, изразен со резултат 28:36
Вардар уште во првото полувреме го реши прашањето околу конечниот победник, кога на одмор замина со двоцифрена предност. По само седум минути игра имавме водство од 1:5, период во кој три гола постигна пикерот Пелко, додека по еден гол беа дело на Дисингер и Кристопанс. Иако настапивме без голем број на играчи, тоа не претставуваше проблем за вардарци да играат добро. Започнавме во напад со Чупиќ на среден бек, додека Кристопанс и Дисингер беа на десната, односно левата бековска позиција. Шанса во стартниот состав доби младиот Ќосевски кој играше на десното крило, надополнет со искусниот Дибиров на левата позиција, додека Пелко беше кружен напаѓач. На голот беше Кугис кој во првите 30 минути имаше 6 одбрани на голот. Екипата на Пекинг Универзитет во неколку наврати ја намалуваше негативата на три гола, но сепак и овој подмладен состав на Вардар беше пресилен за противникот. Избраниците на Шола се држеа до 19.минута кога резултатот на семафорот беше 7:10, за црвено-црните да направат серија од 1:4 и да поведат со највисоки 8:14. До истекот на првите 30 минути, Пекинг постигна само два гола, додека Вардар погоди седум пати, па на одмор замина со голема двоцифрена предност, резултатот беше 10:21 за нашиот шампион. Тројца играчи од нашите редови имаа стопроцентен ефект во првиот дел, се работи за Пелко кој имаше 6/6, како и Кристопанс и Димитроски со 3/3.
Ален Ќосевски максимално ја користи пружената прилика, па токму со неговиот гол го стартувавме вториот дел за зголемување на предноста. Вардарци имаа добар процент на реализација, која продолжи и во второто полувреме, до вториот гол од исто толку обиди стигна и младиот Карапалевски, додека Димитриоски, Ќосевски и Пелко постигнаа по уште погодок, за по 40 минути игра да имаме предност од 17:27. Во овој дел од мечот на теренот беа само младите ракометари, надополнети со Чупиќ, додека на голот застана и Марко Кизиќ. Немавме проблеми да ја одржуваме висока предност, а ова за младите играчи беше големо искуство и можност да се докажуваат пред новиот тренер. Кизиќ веднаш ја бележи својата прва одбрана, откако му одбрани зицер на противничкиот играч, а Димитриоски со својот петти гол зголеми на 19:29. Пекинг успеа во еден момент да намали на осум голови, но далеку беше од резултатска неизвесност на мечот. На крајот Вардар триумфираше со резултат 28:36.
Најефиаксни во нашиот состав беа Ќосевски и Пелко со по 7 погодоци, додека Димитриоски постигна 6.