Данил Шишкарев е еден од играчите кој во новата сезона нема да биде дел од Вардар. Рускиот репрезентативец потпиша договор со екипата на Веспрем, па од следната сезона нема да го гледаме во Скопје. Шишкарев помина шест сезони во Вардар и успеа да освои две Европски титули.
Во интервју за рускиот медиум „Брз Центар“ Шишкарев проговори дека новиот сопственик на клубот преговара со останатите играчи за нивно останување во Вардар.
-Познато е дека јас не останувам во Вардар, па веќе не сум дел од состаноците, што се однесува до плановите на екипата за во иднина. Не сакам да пренесувам туѓи зборови, за оваа тема треба лично да разговарате со другите ракометари, само знам дека кај Дибиров, Калараш и Горбок постои желба да останат во Вардар.
Шишкарев потврди, дека се уште актуелниот сопственик на клубот, Самсоненко, им дал гаранција со нотарски заверени договори дека до крајот на 2020 година ќе ги подмири сите долгови кон играчите.
-Ни дадоа договори заверени на нотар, според кои долговите ќе ни бидат исплатени до крајот на 2020 година. Ова е краен рок, иако може да се случи и порано“, вели руското десно крило без многу загриженост во зборовите.