Вардар загуби и втор пат, во дуелите со екипата на Еурофарм Пелистер. Попладнево во С.Ц. Јане Сандански, избраниците на Стевче Алушовски одиграа контролен меч со екипата од Битола.
Како и на финалниот дуел во Струга, така и денес на контролниот натпревар, како подобар излезе противникот. Еурофарм Пелистер во најголем дел од натпреварот одржуваше предност, и имаше контрола на резултатот. Подобро го отворија мечот, кога направија серија од 5:0, благодарение на која имаа предност до истекот на првиот дел. Вардар ја намалуваше оваа негатива, која во првото полувреме беше само еден гол (10:9).
Се почувствува отсуството на Јотиќ и Дисингер, а битолчани и во второто полувреме зголемија на четири голови разлика. Вардар се обидуваше да се врати во мечот, но Еурофарм не дозволи неизвесен финиш. На крајот победа за противникот со резултат 26:21.
Пред реваншот дуелот од 1/4 финалето во СЕХА, против екипата на Нексе, нашиот шампион ќе одигра контролен натпревар и против Металург.