Ракометарите на Вардар се упатија кон Задар каде овој викенд ќе го одиграат завршниот турнир од СЕХА – лигата. Вардарци како што е добро познато влегоа на овој завршен турнир со многу мака, односно во последните мигови, откако во 1/4 финалето со голот на Валчак на помалку од една минута осигураа пласман на Ф-4.
Вардар в петок ќе игра против Загреб во 1/2 финалето, а стратегот на ,,црвено – црните” се соочува со еден проблем и понатаму. Ќе мора да се ,,брка” нова титула, онаа омилена на Вардар без капитенот Стоилов. Кружниот напаѓач не беше во комбинација и за дуелот со Нексе. Ова значи дека одново Валчак ќе треба да го даде својот максимум во нападот. Покрај капитенот, и младиот Мартин Карапалевски остана во Скопје.
Дуелот на Вардар и Загреб се игра в петок со почеток од 20 часот и 30 минути.