Екипата на Пик Сегед ќе биде следниот противник за Вардар во групната фаза од Лигата на Шампионите. Вицешампионот на Унгарија ќе пристигне во Скопје победнички, откако во претходното коло го победија Порто, додека Вардар загуби токму од истиов противник на последното гостување.
Што се однесува до меѓусебните дуели на Вардар и Пик Сегед во најголемото натпреварување, двете екипи досега имаат одиграно вкупно десет натпревари. Црвено-црните имаат позитивен скор во дуелите со Пик Сегед, дури шест победи има Вардар, два меча завршиле во корист на унгарците, додека исто толку финиширале со нерешен резултат.
Првите два натпревари на овие екипи датираат од 2004 година, кога Пик Сегед еднаш победил, а другиот меч одигран во Скопје завршил со нерешен резултат. Сепак на следните дуели, противникот има само една победа во дуелите со нашиот шампион, последната беше во сезоната 2018/19 кога во рамките на реваншот од 1/4 финалете триумфираше Пик Сегед, но тоа не беше доволно да се пласираат на Ф4 со оглед дека Вардар на првиот меч во Јане Сандански победи со дури осум голови разлика. Истата година, Вардар и по втор пат успеа да ја освои Европската титула.
Дефинитивно дуелите на овие две екипи секогаш носат неизвесност и голема борба на теренот, се надеваме дека така ќе биде и на неделниот меч, но овој пат пред празните трибини во С.Ц. Јане Сандански.