Во интервју за магазинот на СЕХА-лигата, еден од најдобрите играчи во историјата на Вардар, Тимур Дибиров меѓу другото зборуваше и за успесите со Вардар, освоените две Европски титули, како и големиот број други трофеи кои успеаа заедно како тим да ги освојат. За успеси, потребен е многу труд, напорна работа, но и среќа, вели Дибиров.
„Прво што ми паѓа на памет е напорната работа. Тие успеси не доаѓаат така лесно. Вложени беа многу труд, нервози, емоции… Многу работи треба да се вклопат во едно за да се стане шампион, со доста среќа, напорна работа и со трпение. За нокаут фазата во Лигата на шампионите, ние моравме да се подготвиме со сериозни противници. СЕХА лигата ни даде голема мотивација и самодоверба, особено пред првата европска титула, кога го победивме Веспрем во финалето на регионалната лига“.
Дибиров ја истакна големината на Вардар, и тоа дека многу играчи сакаат да го облечат црвено-црниот дрес.
„Вардар е посебен клуб и не само поради тоа што луѓето зборуваат така. Вардар изгради големо име во последните седум-осум години. Многу звучни имиња сакаат да играат тука, бидејќи знаат дека ќе претставуваат двоен европски шампион“.