Tuesday ,22 April 2025
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Младост недораснат противник за РК Вардар 2, само 20 минути достоен противник за црвено-црните
Младост недораснат противник за РК Вардар 2, само 20 минути достоен противник за црвено-црните

Младост недораснат противник за РК Вардар 2, само 20 минути достоен противник за црвено-црните

РК Вардар 2 по втор пат сезонава успеа да победи во дуелите со екипата на Младост од Богданци. Денес во спортскиот ракометен центар Кале избраниците на Стојан Петрушевски ја забележаа треттата последователна победа во пролетниот дел од сезоната.

Само 20 минути Младост беше рамноправен противник за црвено-црните, кои до крајот убедливо го поразија противникот. Првиот гол Вардар го постигнува во четвртата минута, дело на Тоше Ончев. Младост во првите шест минути имаше водство од 1:4. Требаше малку време за нашиот тим да влезе во ритам и да почне да ја игра својата препознатлива игра која ги краси во текот на целата сезона. Во 8 минута за прв пат резултатот беше израмнет на 4:4, по што гостинот од Богданци постигна два гола во серија за нова предност. На средината на првото полувреме, следиме ново израмнување на резултатот на 8:8. Од тие моменти Вардарци почнаа да го “газат“ на терен својот противник, на кој му дозволивме до крајот на првиот дел да постигне само два гола. Со серија од 8:2, успеваме на полувреме да заминеме со убедливо водство од 16:10. Еипата започна да функционира во сите правци на играта, тренерот Петрушевски често ги ротираше своите играчи и правеше замени со цел да се игра во едно високо темпо во текот на целиот дуел. Ударната тројка на бековската линија Трпчевски, Димовски и Ончев го полнеа противничкиот гол.

Вториот дел започна со две одбрани за Јагош Брауновиќ, кој при крајот на првото полувреме го замени одличниот Никола Кизиќ. Вардар продолжува со серијата на погодоци, не дозволувајќи на противникот да го пронајде патот кон нашиот гол. Во 37 минута стигнуваме до двоцифрена предност од 21:11. Како одминуваше натпреварот разликата се повеќе се зголемуваше, така во еден момент имавме и водство од 28:14. Во последните 10 минути влегуваме со истата предност, благодарение на двата последователни голови на крилото Дамчевски. Само за момент Младост успева да намали на 31:20. Последните неколку минути рутински ги одработивме, за конечен резултат од 38:26.

Тоше Ончев беше најефикасен со 8 голови. Го следеа Стефан Трпчевски со 7 и Александар Димовски со 6 погодоци.