Кадетите на ракометниот клуб Вардар во недела ќе го одиграат завршниот турнир на најдобрите четири екипи, чиј домаќин ќе биде салата Автокоманда и екипата на Металург. Црвено-црните во својата група завршија на второто место, кое беше доволно да обезбедат пласман во полуфиналето и да ја имаат можноста да се борат за трофејот во лигата. Прва пречка кон остварување на целта ќе биде екипата на ХЈС Работник, која заврши како првопласирана во групата 1. Тимот од Битола го заврши регуларниот дел од сезоната со вкупно 11 победи и само 1 единствен пораз. Ова говори за квалитетот на противничкиот тим и за каков натпревар ќе имаме можност да проследиме. Овој меч ќе започне во 12:30 часот, додека во другото полуфинале од 10:30 ќе се сретнат екипите на РК Металург и РК Јуниор. Големото финале ќе започне во 17 часот. Еден од најголемите адути за екипата на Вардар на завршниот турнир и најголема опасност за противничките екипи, Мартин Карапалевски на кратко ги сподели своите очекувања за завршниот турнир.
-Неможеме предвреме да збориме што ќе се случи. Ние максимално се подготвуваме за овој натпревар и завршниот турнир. Сите мисли ни се насочени кон првиот дуел со екипата на ХЈС Работник, за што изминативе денови максимално работевме на тренинзите. Противникот е многу квалитетен и не смее никако да се потцени. Максимално сме мотивирани и ќе дадеме се од себе да стигнеме до големото финале и да го освоиме првото место во кадетската лига, изјави Мартин Карапалевски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски