Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Игор Јаневски: Голема е честа и задоволството да се биде капитен на Вардар, но истовремено и голема одговорност и мотив во иднина да работам уште понапорно
Игор Јаневски: Голема е честа и задоволството да се биде капитен на Вардар, но истовремено и голема одговорност и мотив во иднина да работам уште понапорно

Игор Јаневски: Голема е честа и задоволството да се биде капитен на Вардар, но истовремено и голема одговорност и мотив во иднина да работам уште понапорно

Вардар фанс како “неуморен“ медиум продолжува со промоција на младите членови кои настапуваат за младинските категории на фудбалскиот клуб Вардар. Следен со кој ве запознаваме е капитенот на генерација родени “2004“ година, тоа е капитенот Игор Јаневски. Ова момче има пред се дефанзивни задачи и игра во стоперската линија на својата екипа. Тој е последна пречка која треба да се помине за да се стигне до голот на младите Вардарци. Добрите резултати на оваа генерација во изминатава сезона се должат токму на Јаневски, кој не дозволува многу прилики пред голот на Стефан Тасев. Игор ќе не запазнае со неговите почетоци во фудбалот, плановите за иднина, мислење за Јуниор лигата, импресиите од сезоната која помина, но и очекувањата и желбите за новите предизвици кои следуваат.

-Желбата за фудбалот ја наследив од дедо ми и чичко ми кој професионално се има занимавано со овој спорт. Но, најголемата поддршка ја имам од татко ми кој е исто така голем вљубеник во овој спорт. Фудбалот отсекогаш бил и ќе остане мојата најголема љубов. Првите фудбалски почетоци ги направив во ФК Работнички под водство на тренерот Зоран Петковски. Фудбалската игра е многу повеќе од игра. Тоа е пасија, религија со која секојдневно живеам. Мојата визија е да станам успешен фудбалер и со ФК Вардар да освојам многу трофеи и признанија на државно и меѓународно ниво.

Новитет на нашите простори беше “Јуниор“ лигата во организација на фудбалскиот клуб Вардар, која има за цел да ги обедини сите школи од Македонија во една лига.

-Мислам дека “Јуниор Лигата“ е одличен проект, кој има големо значење за сите деца кои се занимаваат со фудбал ширум нашата држава, бидејќи ги обединува сите фудбалски школи од Македонија и им дава убава шанса за докажување на фудбалерите од најмладите генерации.. Вардар е најдобриот и најпознатиот спортски бренд од Македонија. Тоа е свето име создавано со генерации наназад и мене ми претставува особена чест и задоволство да го носам црвено црниот дрес.

Изминатава сезона беше доста успешна за генерација “2004“. Тие се натпреваруваа со две свои екипи во детската лига. Вардар (1) за која настапуваше Јаневски го освои третото место, додека нивните соиграчи од Вардар (2) се закитија со златниот медал освојувајќи го првото место. Оваа генерација беше дел и од силни меѓународни турнири во Бугарија, од кои едниот успеа и да го освои.

-Мојата генерација постигна голем успех во изминатата сезона на домашен и меѓународен план. Во детската лига бевме неорикосновени, а за тоа доволно говори освоеното прво и трето место на двете наши екипи. Искрени честитки и благодарност до моите соиграчи и тренерот Филип Арсовски. Исто така имавме забележителни настапи на меѓународните турнири во Бугарија (Сандански и Банско) каде во силна конкуренција, на едниот од нив (Сандански) успеавме да го освоиме првото место. Моите планови и цели во блиска иднина се поврзани за ФК Вардар. За понатаму ќе видиме. Мое е напорно да работам и да напредувам, а доколку се укаже прилика, во иднина секако дека би бил пресреќен да настапувам за некој од познатите европски клубови.

Оваа генерација беше на летен камп во Охрид заедно со новиот тренер Ане Андовски. Како капитен Јаневски очекува уште поголеми успеси во новата натпреварувачка сезона.

-Подготовките и кампот во Охрид со нашиот нов тренер Ане Андовски поминаа во одлична атмосфера. Работиме напорно и интензивно со цел во новата натпреварувачка сезона да влеземе максимално подготвени. Чувството да се биде капитен на ФК Вардар генерација 2004 е прекрасно. Тоа е голема чест и задоволство, но истовремено и голема одговорност и мотив во иднина да работам уште понапорно и заедно со моите соиграчи да постигнеме уште позабележителни резултати за нашиот клуб и македонскиот фудбал вооопшто, изјави Игор Јаневски за нашиот сајт.

Звонко Ивановски