Изминатиов викенд се одигра седмото коло во првенството на младинските фудбалски категории. Вардаровите екипи имаа половичен успех во дуелите со екипата на Работнички.
Помладите пионери продолжуваат со лошите игри во новата сезона, забележувајќи го третиот првенствен пораз. Дербито со Работнички убедливо му припадна на противникот, кој го доби со убедлив резултат од 0:4. Оваа генерација има уште три победи и еден нерешен резултат. За разлика од минатата сезона кога оваа екипа имаше само еден нерешен резултат во есенскиот дел, сега работите одат во обратна насока за избраниците на Сашо Јанев. Пом. пионери ги завршија настапите и во купот, каде на домашен терен беа елиминирани од екипата на Гостивар.
За разлика од нив повозрасните пионери немаат проблеми со освојувањето на бодовите од натпреварите. Со единствениот погодок на Кренарт Дарлишта, избраниците на Сашо Тодоровски ги освоија трите бода од овој дерби меч со Работнички. Ова беше шестти триумф за Вардаровите пионери, кои имаат само уште еден нерешен резултат.
Прв пораз во новата сезона за кадетите на ФК Вардар. После пет последователни победи, стигна и првиот пораз и тоа на дербито со екипата на Работнички. Иако имавме водство од 1:0 со голот на капитенот Трајчевски, сепак тоа не беше доволно за позитивен резултат. Противникот до полувреме го израмни резултатот, додека во вториот дел уште еднаш ја затресе нашата мрежа, за конечен резултат од 1:2.
Младинците се нашата единствена екипа која има максимален број на освоени бодови од овие шест одиграни кола. Да потсетиме дека тие имаат заостанат меч за одигрување, оној на гостински терен против екипата на Гостивар. Александар Најдоски го реши младинското дерби против Работнички, забележувајќи минимална победа од 1:0.