Кадетите на ракометниот клуб Вардар стигнаа до својата четврта последователна победа во лигата. Избраниците на Чивлачки и Грчевски на домашен терен ја пречекаа екипата на Младинец од Кочани, која ја совладаа убедливо со резултат 32:16. Уште од самиот старт најавивме дека бодовите ќе останат во Скопје, кога поведовме со 5:0. На полувреме имавме двоцифрена предност од 16:6. Предраг Радуловиќ беше втор стрелец во тимот постигнувајќи 5 голови.
- Натпреварот заврши во наша полза, брзо направивме голема разлика која до крајот на мечот беше недостижна за противничката екипа. Овој дуел беше значаен за мене и мојата самодоверба за наредните натпревари, а пред се беше значаен за целиот тим и “хемијата“ во него која во моментов ни е највеќе потребна за наредното и последно коло од оваа полусезона кое ни е најбитно до сега поради тоа што гостуваме во Автокоманда, каде ни е потребна победа. Од играта на овој меч сум доста задоволен како и од предходните четири кола, како и што покажуваат досегашните резултати.
Ова е прва сезона за Радуловиќ во дресот на Вардар, откако дојде од екипата на РК Шампион-Вардар.
-Како нов играч бев одлично прифатен од останатиот дел на тимот и сум им многу благодарен за тоа. Целта на оваа сезона е освојување на титулата во кадетската лига, за што сме спремни тоа да го оствариме и да ја донесеме титулата таму каде што припаѓа.
Токму “Јуниор“ лигата се покажа како голем чекор во неговата кариера. Предраг беше препознаен како потенцијал и играч кој поседува квалитет и затоа доби шанса да настапува за младинските екипи на РК Вардар.
-Ракометната академија и “Јуниор“ лигата дава голем допринос за развивање и оформување на младите играчи и дава шанса за понатамошно учество во младинските и кадетските лиги во тимовите на РК Вардар, изјави Предраг Радуловиќ за нашиот сајт.
Звонко Ивановски