Денес во спортскиот центар Јане Сандански од 17:30 часот не очекуваат нови возбудувања во најголемото ракометно натпреварување. Избраниците на Раул Гонзалес за десеттина дена ќе одиграат нов натпревар против силниот бундеслигаш, воедно и шампион на Германија, екипата на Рајн-Некар. Првата битка со овој противник ја добивме на првиот меч одигран во “Фрапорт арената“, кога славевме со резултат 27:33. Тоа беше четврти триумф за Вардарци во меѓусебните дуели со Рајн-Некар, додека само една победа досега им припаднало на тимот од најсилната бундес лига. Посебно за одбележување се гостинските победи (28:35) и оваа последната (27:33). На домашен терен имаме две победи (28:25) и (25:19) , додека само еднаш и тоа минимално Рајн-Некар излезе како победник, на мечот одигран минатата сезона во Германија (28:27).
Кој ќе го добие шестиот меѓусебен дуел помеѓу овие две екипи, одговорот ќе го добиеме вечерва по одигрување на мечот. Вардар се наоѓа во одлична форма и победнички ритам, кој се надеваме дека ќе го искористиме и на денешниот натпревар. Важноста на овој натпревар ја потенцираат од Вардаровиот табор кој на прес-конференцијата истакнаа дека не треба да не залажува победата од првиот меч и дека во Скопје треба да одиграме уште подобро и мотивирано за да го добиеме противникот. Рајн-Некар е многу незгодна и непредвидлива екипа, која игра во многу променлива форма. Поголем акцент става на настапите во домашното првенство, но знае да блесне и во лигата на шампиони. Тоа најдобро на своја “кожа“ го почуствува европскиот шампион кој на домашен терен загуби со убедливи 26:34. Со триумф, црвено-црните би се зацврстиле на првото место на табелата и веќе би се одлепиле на голема бодовна разлика од Рајн-Некар кој претендира за највисок пласман во нашата група. Тренерот Гонзалес истакна дека сеуште не е сигурен настапот на Карачиќ и Абутовиќ поради ситни повреди, но ние сме сигурни дека ќе стиснат заби и ќе стават на располагање за денешниот меч.
Очекуваме повторно полна сала како што беше мечот со Киелце и многубројни Комити кои се силата на екипата. Поддршката е повеќе од потребна на овој дуел, бодовите се многу важни за Вардар кои би ни ги зголемиле шансите за освојување на првото место на крајот од групата. Тоа значи и директен пласман во четвртфиналето и поголеми шанси за прво учество на завршниот турнир во Келн. Дојдете сите во Јане Сандански и подржете ги момците кон уште една голема победа.