Во недела стартува пролетниот дел во ПМФЛ, а нашиот фудбалски шампион го отвара овој дел од сезоната со дуел против екипата на Шкупи. Мечот се игра на арената “Филип втори“ со почеток од 14 часот. Вардарци подготовките ги поминаа во Анталија каде одиграа седум натпревари и притоа забележаа две победи, еден нерешен резултат и четири порази. Имавме можност да спарингуваме со квалитетни противници и така да ја подигнуваме формата пред предизвиците во домашното првенство и куп. Како поминаа подготовките во Анталија и очекувањата за пролетниот дел од сезоната ќе прочитате од изјавата на младинскиот репрезентативец, Петар Петковски.
-Како на претходните така и на овие подготовки, фудбалскиот клуб Вардар ни понуди одлични услови за работа. Првите десет дена ги поминавме во Скопје, а потоа се преселивме во Анталија каде одигравме седум натпревари. Секој од нив беше исклучително тежок со различни противници кои беа квалитетни. Овие натпревари ни послужија подобро да се воиграме пред стартот на пролетниот дел, каде резултатите од пријателските мечеви се во втор план.
Вардар ќе “брка“ прва победа против Шкупи оваа сезона, откако двата натпревари во есенскиот дел завршија со нерешен резултат.
-Ние на секој нареден меч ја подигнувавме формата и нашата игра и сега сме подготвени за предизвиците кои не очекуваат. Во домашното првенство на стартот од пролетниот дел не очекуваат тешки мечеви, но ние ќе дадеме се од себе да ги добиеме и со важни три бода да ја започнеме сезоната.
Шкендија е наш најголем конкурент за двојната титула која осетно се засили а доби и нов тренер во името на Томас Брдариќ.
-Во следното коло ќе играме против екипата на Шкендија, која има нов тренер и неколку нови играчи. Тие се наш најголем ривал и секако дека ќе даваат максиум на натпреварите и ќе се обидат да ни ги “поматат“ сметките за двојната титула. Сепак ние сме Вардар и ќе атакуваме на двата домашни трофеи, кои после долго време ќе ги прославиме со нашите Комити, изјави Петар Петковски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски