Денес во спортската сала „Младост“ се играше четвртфиналната група од Kупот на Mакедонија. Во група-3 се наоѓаа екипите на Пелистер, Еурофарм Работник,Младост Богданци и нашиот млад состав тимот на РК Вардар Јуниор.
Полуфиналните двојки беа Пелистер – Вардар Јуниор и Младост Богданци – Еурофарм Работник. Ракометарите на битолски Пелистер се пласираа во финалето на четвртфиналната група откако го победија составот на Стојан Петрушевски нашиот млад сениорски тим, Вардар Јуниор со 32:27. Претходно Еурофарм Работник, обезбеди пласман во финалето. На почетокот вардарци отворија со 0:2, потоа поискусниот тим на Пелистер поведе со 3:2. Во продолжение се играше гол за гол се до финишот на првиот дел. Во истиот се влезе со резултат 12:12. Домашните со серија 3-0 поведоа и отидоа на одмор со 15:12. Во вториот дел зелено-белите доминираа. Тие во еден момент дури и стигнаа и до највисоки “плус седум“ односно 30:23. Вардарци се подобрија во последните моменти и ја ублажија негативата, тие на крајот беа поразени со конечни 32:27.
Најдобар стрелец во тимот на Касим Каменица беше играчот кој е позајмен во зелено-белите од нашиот Јуниор, црногорецот Ристо Вујачиќ. Тој беше прв стрелец со 6 голови, додека кај нашиот Вардар Јуниор одличен беше Мартин Поповски кој постигна 9 голови.