Вечерва во спортската сала “Младост“ во Битола се одигра полуфиналниот натпревар во купот на Македонија, каде екипата на Вардар успеа да го совлада Металург, во еден неизвесен натпревар.
Црвено-црните по 7 минути игра имаа предност од 5:3, за во следната минута двете екипи да постигнат по еден гол, за резултат 6:4. Штербик одлично го започна мечот на голот и набрзина стигна до својата четврта одбрана. Сепак Металург не му дозволуваше на нашиот состав да се одлепи и во 13 минута го израмни резултатот на 6:6. Вуко Борозан беше наш најрасположен играч во првиот дел и со својот четврти гол носи водство од 7:6, додека Штербик ја впишува својата шестта одбрана. Последното израмнување беше при резултат 8:8, кога Вејин погоди за тимот од Автокоманда. Следеа минути кога црвено-црните со серија од 3:0, имаа три голови предност (11:8), а директен црвен картон доби, Немања Обрадовиќ, во составот на Металург. На седум минути пред крајот, противникот повторно се доближува на само еден гол негатива (12:11). Сепак, Вардар го имаше расположениот Борозан, кој носи предност од 14:12, на пет минути пред крајот на првото полувреме. Штербик фаќа “зицер“ удар на Илиќ, а неговите соиграчи повторно стигнуваат до три гола предност (16:13). Металург имаше можност на полувреме да замине со еден гол негатива, но нивното крило повторно сакаше да експериментира, но на голот не знаеше дека го има Штербик, кој му фаќа жива топка. Во истата акација, Штербик фрла конра-напад за Македа кој погодува, за резултат 17:14 на полувреме.
Вториот дел подобро го отвори тимот на Металург, кој успева набрзина да израмни на 17:17. Прв гол во вториот дел за Вардар постигнува Циндриќ, кој ја враќа предноста. По седум минути игра во второто полувреме, Кузмановски носи водство на Металург од 20:21. Голманот Арсиќ во тие моменти беше одличен на голот на Металург, кој го донесе пресвртот.Борозан продолжува со добрата игра и со својот деветти гол израмнува на 23:24. Во следните десет минути се игра гол за гол, а ниту една од екипите немаше поголема предност од еден гол. На пет минути пред крајот, со голот на Циндриќ Вардар поведе со резултат 30:29. Штербик брани удар од седум метри, а од истото место погодува Дибиров, за два гола предност на црвено-црните (31:29). Во неизвесен финиш, Вардарци триумфираат со резултат 31:30.
По осум гола во нашиот состав имаа Борозан, Дибиров и Шишкарев. Утре со почеток од 16:30 часот во големото финале на купот, Вардар ќе игра против екипата на Еурофарм Работник, кој во полуфиналето беше подобар од Охрид.