Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Четири освоени трофеи, вкупно 44 победи, 2 нерешени резултати и 6 порази, се бројките на РК Вардар во најуспешната сезона во својата историја
Четири освоени трофеи, вкупно 44 победи, 2 нерешени резултати и 6 порази, се бројките на РК Вардар во најуспешната сезона во својата историја

Четири освоени трофеи, вкупно 44 победи, 2 нерешени резултати и 6 порази, се бројките на РК Вардар во најуспешната сезона во својата историја

Новиот Европски шампион гордоста и најголемиот спортски бренд  во Македонија, екипата на РК Вардар ја заврши натпреварувачката сезона 2016/17 со четири освоени трофеи, односно црвено-црните ги освоија сите примати кои беа на дофат.

Првиот трофеј кој го освоивме оваа сезона беше оној во СЕХА-лигата, каде избраниците на Раул Гонзалес најпрво како првопласирани го завршија регуларниот дел од сезоната, за потоа на завршниот турнир кој се одигра во Брест, да ја потврдат доминацијата и преку Загреб во полуфиналето и Веспрем во финалето да стигнат до нивниот вкупно трети трофеј во ова натпреварување. Во оваа лига забележавме вкупно 17 победи, два нерешени резултати и само еден и единствен пораз. Во регуларниот дел имавме 15 триумфи, два нерешени резултати и само еден пораз. Одигравме без победник, во дуелите со екипите на Брест Мешков на домашен и со Веспрем на гостински терен. Единствениот пораз беше од екипата на Загреб, на теренот на противникот. Во два наврати ги совладавме екипите на Целје, Горење, Нексе, Металург, Извиѓач, Татран Прешов, додека еднаш го победивме Веспрем, Брест Мешков, Загреб. На завршниот турнир ги победивме Загреб и Веспрем за првиот трофеј оваа сезона.

Вториот трофеј за Вардарци, беше оној во купот на Македонија, кој беше вкупно 12 во историјата на клубот. Во ова натпреварување имавме вкупно четири победи. Одбраната на трофејот го започнавме на Кале против екипата на Борец, за да ја продолжиме во Радовиш, каде ја совладавме истоимената екипа во финалето на четврфиналната група. Следуваше завршниот турнир на најдобрите четири екипи, кој се играше во Битола. Таму во полуфиналето го совладавме Металург, за во големото финале да бидеме подобри од домашниот тим на Еурофарм Работник.

Третиот и најголем трофеј за избраниците на Раул Гонзалес беше оној историскиот во лигата на шампионите. Момците ги надминаа очекувањата на сите и за неполни 24 часа совладаа великани на Европскиот ракомет, како Барселона и ПСЖ. Во текот на целата сезона во најголемото ракометно натпреварување имавме вкупно 14 победи, од кои десет беа во најсилната група, додека имавме и четири порази. Во групата совладани на два пати беа Кристијанштад, Пик Сегед и Целје, додека по една победа и пораз имавме во дуелите со Загреб, Киелце, Рајн-Некар и Брест Мешков. Во четвфиналето во два наврати го совалдавме Фленсбург, со што обезбедивме прво учество на Ф4 во Келн. Таму како што споменавме, во полуфиналето бевме подобри од Барселона, за успешната приказна во ЛШ да ја затвориме со уште една голема победа, вредна Европска титула, против шампионот на Франција, екипата на ПСЖ.

Четвртиот и последен трофеј кој недостасуваше во колекцијата на Вардар, беше оној во супер-лигата, каде Вардарци го освоија еден ден после пристигнувањето од Келн. Нашиот состав гостуваше во Велес, на екипата на Борец, каде се промовираше во старо-нов шампион на Македонија. Во плеј-офот на супер лигата, остваривме вкупно 9 победи и само еден пораз од екипата на Металург. Деветте победи беа против екипите на Охрид, Пелистер, Еурофарм и Борец, во два наврати и еднаш го совладавме тимот од Автокоманда. На тој начин ја заверивме 11 титула во лигата, за на најдобар можен начин да ја завршиме најуспешната сезона во историјата на клубот.

На крајот да сумираме: Четири освоени трофеи, вкупно 44 победи, два нерешни резултати и шест порази. Одлична сезона за Вардарци, кои одиграа безпрекорно добро во текот на целата сезона и на крајот заслужено беа најдобри во сите натпреваруња.