Џокерот на Седлоски против Малме, Дејан Блажевски овој пат се најде во почетниот состав на дуелот против Копенхаген. Блажевски одигра солидно, крилниот играч за клупскиот сајт зборуваше за натпреварот, навивачите, реваншот.
„Ни се оствари желбата да дојдеме до победа, па макар и минимална“, почнува Блажевски. „Бевме подобри од противникот и сосема заслужено победивме. Сакавме да не примиме гол, и успеавме во тоа, а сега и со триумф одиме на реваншот во Данска“.
Имаше и неколку неискористени шанси, и после можевме да бидеме казнети…?
„Да, имавме шанси да биде поубедливо, но не треба сега да жалиме. Ако се сеќавате на крајот можевме да примиме гол затоа што гостите имаа прилика да израмнат. Против вакви екипи нема многу простор, и секоја шанса мора да се користи. Сакавме победа, дојдовме до победа и сега остануваат уште тешки 90 минути“
Дали Вардар ќе оди на гол и на реваншот?
„Нашата цел е да поминеме понатаму. Сигурно дека ќе играме офанзивно, и нема да се браниме. Сакаме и таму да постигнеме гол. Не чека тежок реванш меч. Ќе има таму преку 30.000 гледачи кои ќе бидат на страната на домашните. Но, кога можевме да издржиме и да одиграме нерешено и против Малме, тогаш можеме и со Копенхаген. Ќе покажеме дека знаеме да играме фудбал и дека сето ова не е случајно, туку плод на напорна работа и на искуство со играње во Европа“
Синоќа атмосферата беше одлична…
“Благодарност до публиката за одличната атмосфера на трибините. И таа имаше свој придонес за оваа победа. Ни дадоа поддршка, не бодреа беа нашиот 12-ти играч”
Денеска ден одмор после исцрпувачкиот меч…
„Се изморивме од вчерашниот натпревар кој што беше тежок и на физички план. Денеска немаме тренинг, малку ќе одмориме, и веќе од утре се фокусираме кон реваншот во Копенхаген“, заврши Блажевски.