Руската ракометна репрезентација имаше одличен старт на квалификациите, за пласман на светското првенство, кое во 2019 година ќе се одржи во Германија и Данска. Одлично деби и на клупата за тренерскиот тандем, Кокшаров и Дејвис кои ја совладаа Словачка убедливо со резултат 32:22.
Уште по првите десет минути, Русија резултатски се одлепи од противникот кога имаше предност од 8:3, што беше знак за тренерот на Словаците да повика тајмаут. Сепак ни тоа не даде резултат, а Русија благодарение на добрата одбрана 5-1, напред со Тимур Дибиров делуваше многу разиграно и убедливо. На десет минути пред крајот на првото полувреме имаа водство од осум голови предност (13:5), за по истекот на првите 30 минути резултатот да гласи 20:11.
Во второто полувреме, Русија ја одржуваше предноста и имаше контрола на резултатот. На крајот победата беше изразена со двоцифрена разлика, со конечен резултат од 32:22.
Крилата на Вардар, Тимур Дибиров постигна 7 голови од 10 обиди со што беше најефикасен во својата репрезентација, додека Данил Шишкарев додаде 3 погодоци од исто толку удари кон голот на Словачка. Во сабота Русија ќе гостува на Финска.