Вчера, недела 29.октомври по 24 пат се одржи Подгоричкиот маратон. Речиси цела деценија наназад во соработка со Скопскиот маратон се организира бесплатен превоз и сместување за 50тина маратонци од Македонија. Четврта година по ред свој настап на истата манифестација имаше и Вардарецот, Петре Завировски.
Тој вчера истрча онака како што посакуваше со време под 1час и 20 минути. Тој секогаш имал добар перформанс на оваа патека особено лани кога беше во врвна форма во овој период од годината. Минатата 2016 гoдина ја забележа својата најбрза трка во кариерата со резултат 1:17:10. На полумаратонската делница вардаровиот атлетичар беше во топ-10 според пласманот, а од македонските атлетичари беше втор. Тој за вчерашниот одличен настап вели:
Добри перформанси покажав вчера, мило ми е што имам уште еден полумаратон под 1:20 во кариерата. Овој пат патеката долга 21.097км од Даниловград до Подгорица ја минав за 1:19:37. Бев втор помеѓу Македонците кои настапија на оваа делница. Задоволен, среќен, горд сум на мојот резултат, повторно сум оној стариот. Ви благодарам на сите за поддршката!