Вардар продолжува да разочарува. Нов пораз, трет во низа забележа денеска во градската пресметка со Работнички. Со овој денешен пораз, веќе виси и Лигата на Европа, четвртопласираниот Работнички дојде до само минус осум бодови.
Пред празни трибини, Вардар и Работнички одиграа неквалитетни 0:0 по првите 45. минути. Вардар речиси и да не створи сериозна шанса, освен онаа на Блажевски во 31. минута кога неговиот удар го одбрани голманот Божиновски. Ниту противникот не беше конкретен, освен онаа добра шанса во 22. минута на Маркоски која ја одбрани нашиот голман Алексовски.
Лошата игра на Вардар продолжи и во вториот дел, па така во 56. минута Работнички стигна до предност од 0:1 со голот на Ангелов кој стрелаше прецизно од 22-23 метри во десниот агол од голот на Алексовски. На триесет минути до крајот Бабунски ги повлече и првите потези, во игра влегоа Стојков и Бериша на местата на Барсегјан и Блажевски. Но, и оваа замена не вроди многу со плод, лошата игра продолжи и во следните минути. Во 67. минута влезе и третиот, Реџепи на местото на Марковиќ. Лошата и неповрзана игра на Вардар продолжи и до крајот на натпреварот, па така со резултат 0:1 и нов пораз на Вардар заврши овој градски дуел.