Изминатиов викенд се одигра 16 коло во првенството на младинските фудбалски категории. Победа од Прилеп беше противвик за генерациите на Вардар, дуели на кој забележавме две победи и два нерешени резултати.
Помладите пионери стигнаа до рекордната 15 победа, со која се осамени на врвот на табелата во оваа возрасна генерација. Азер Омерагиќ беше играчот на одлука, кој го скрши отпорот на прилепчани и погоди во последната минута од натпреварот, за нови три бодови на вардарци. После ова коло, избраниците на Тодоровски имаат 16 бодови повеќе од екипата на Работнички, која се наоѓа на второто место на табелата.
Пионерите одиграа без победник на гостувањето во Прилеп, односно без голови 0:0. Се поизвесно е дека и во оваа генерација ги губиме шансите за првото место, ако воопшто и постоеа на стартот од пролетниот дел на сезоната. Тука лидери се екипите на Македонија Ѓ.П и Шкендија, кои имаат по 36 бодови, или 11 повеќе од Вардар, кој се наоѓа на четвртото место на табелата со 25 освоени бодови. Пред нив е уште и екипата на Работнички која има 31 освоен бод.
Кадетите стигнаа до првиот пролетен триумф, откако на домашен терен со дури пет голови во противничката мрежа беа подобри од екипата на Победа. На овој меч за избраниците на Колев погодија Марио Илиевски и тоа два гола, додека по еднаш успешно стрелаа Ристовски, Ибиши и Тасев. После ова коло, бодовната разлика помеѓу Шкендија и Вардар останува шест бодови, со оглед дека екипата од Тетово ги доби првите два натпревари од пролетниот дел.
Младинците не успеаа да триумфираат ниту на вториот пролетен меч, овој пат на домашен терен одиграа само 0:0 со врсниците од Победа. После стартните два нерешени резултати во овој дел од сезоната, за нашите младинци до крајот на сезоната останува борбата за второто место на табелата, со оглед дека лидерот Шкендија има дури 13 бодови повеќе.