Вардар со победа ги заврши првенствените натпревари во оваа 2017 година, црвено-црниот тим триуфираше во дербито со Работнички. Нашиот ФК Вардар успеа со минимални 1-0, да дојде до нови три бода. За нас денес играа: Гачевски, Муслиу, Велковски, Новак, Демири, Марковиќ (67’ Глигоров), Стојчевски (63’ Стојков), Фелипе, Николов, Барсегјан, Максимов (83’ Тодороски).
Во првото полувреме мрежите мируваа, Вардар на неколку пати го загрози голот на противникот, но тоа не донесе промена на резултатот после првиот дел. Првата и најсериозна шанса во првиот дел ја имаше Фелипе. Бразилецот упати удар во 10. минута кој што одеше под пречката, а Божиновски со крајни напори успеа да избие во корнер. Потоа во 16. минута обидот на Барсегјан оди само крај голот, а четири минути подоцна Максимов се обиде да го проигра Николов на петерецот кој што за малку не стигна, а топката отиде за малку крај голот. Во 28. минута нафрли од корнер Фелипе на првиот дирек каде што обидот со глава на Новак оди само над голот на Работнички, што беше и последната прилика во првиот дел.
Во вторите 45.минути се играше главно на средината на теренот, првата закана од Вардар ја видовме во 69. минута кога од дваесетина метри шутот на Барсегјан одеше по средината на голот каде што одбрани Божиновски. Следна шанса имавме во 73. минута шутот на Николов од 25 метри е непрецизен, оди над голот на противникот. Во 74. минута, Стојков одлично го проигра Николов, кој што беше осамен пред голот на Работнички, шутираше и го совлада Божиновски, но топката ја погоди само десната статива од противничкиот гол. Голема прилика пропуштивме во 78. минута преку Максимов кој што по асистенција на Николов, од само 3-4 метри го погоди голманот на црвено-белите. Веднаш потоа бразлиецот Фелипе од левата страна го проигра Барсегјан кој што од десетина метри успеа да погоди за 1-0. Со овој резултат беше окончан овој дуел.