Денес на теренот на Локомотива, контролен фудбалски натпревар одиграа младинските екипи на Вардар и Шкупи, кој заврши без победник (0:0).
Видовме цврст натпревар кој изобилуваше со многу дуели, не видовме некои големи шанси на двете страни, иако противникот беше поблиску да го отвори резултатот на овој натпревар. Во првото полувреме, Вардар се закани преку Левент Ибраим кој со глава бише крај голот, после центар шут на Стефан Стојановски, додека обид од слободен удар имаше и Горјан Цветков, но одбрани голманот на гостинската екипа. Шкупи имаше еден директен удар кој нашиот гол, кој го скроти Леонид Илиевски.
Во вториот дел исто така видовме борбена игра од двете страни. Во овој дел од натпреварот, тренерот на нашиот состав, Саше Божиноски уфрли речиси различна постава на теренот, влегувајќи во игра девет нови играчи. Шкупи беше поблиску да го отвори резултатот, еден од играчите на гостинот се најде во добра позиција да ја затресе нашата мрежа, но одбрани Андреј Данстак. Вардар се обиде преку Сековски да го изненади противничкиот чувар на мрежата, но топката беше лесен плен за голманот, па резултатот и по истекот на 90.минути остана непроменет.
Двете екипи прикажаа фер и коректна игра, иако имаше доста силни дуели, до крајот натпреварот помина во пријателска атмосфера.