Вечерва во Санкт Петербург, екипата на Вардар го доживеа и петтиот пораз, во групната фаза од лигата на Европа. На својот терен поуспешни од црвено-црните беше екипата на Зенит, која славеше со резултат од 2:1. Стрелец на голот за Вардар беше Дејан Блажевски.
Тренерот Чеде Јаневски стартуваше со следниве 11-сетмина: 90. Гачевски, 19. Хамбарџумјан, 21. Новак, 6. Грнчаров, 23. Демири, 20. Николов, 8. Марковиќ, 70. Фелипе, 7. Џигаури, 11. Барсегјан, 48. Итало.
Првиот директен удар го имаше екипата на Зенит и тоа во четвртата минута од мечот, кога од десната страна уфрли Ригони, а топката стигна до Полоз кој шутира покрај нашиот гол. Кај Вардар прв обид имаше Џигаури, кој во деветтата минута бие неприeцизно, односно далеку од противничкиот гол. Домашниот тим успева да го отвори резултатот во 16 минута од натпреварот, кога Дзјуба додаде до Полоз, а овој успешно стрела, за отварање на резултатот и водство на Зенит од 1:0. Домашната екипа имаше најголем дел од играта и посед на топка и се обидуваше да постигне нов гол. Таква шанса имаа кога Дзјуба беше фаулиран во нашиот шеснасетник о Новак, кој со рака го повлече, овој пад за главниот судија да покаже на белата точка. Истиов играч не успеа да реализира, откако нашиот голман го прочита неговиот удар и успешно одбрани. Од голема далечина во 33 минута се обиде и Бобан Николов, кој бие покрај голот. Сепак на две минути пред крајот на првото полувреме, Зенит успева да зголеми на 2:0. Демири направи грешка по средината на теренот, по што противникот со три додавања ефектно го совлада Гачевски, а стрелец на голот е Ригони кој постигна евро гол. На полувреме се замина со овој резултат.
Зенит како да се задоволи со ова водство, па второто полувреме го одигра резервирано. Црвено-црните имаа обид во 52 минута преку Џигаури кога шутираше во долниот десен агол, но резултатот остана непроменет.Во два наврати удари кон противничкиот гол упати и Хуан Фелипе, но ништо опасно. Можеби најголемата шанса за постигнување на гол ја имавме во 72 минута кога откосо од левата страна биеше Џигаури, но голманот на Зенит со крајни напори го одбрани ударот и не дозволи да ја затресеме неговата мрежа. Вардар играше многу подобро во вторите 45 минути, конечно прикажавме поофанзивна игра и заслуживме да постигнеме почесен гол. Се обиде и нововлезениот Дејан Блажевски од слободен удар, кој бие само во рацете на добро поставениот Лодигин. Во вториот дел во игра го видовме и Петар Петковски. Вардар постигнува мајсторски гол и тоа преку Дејан Блажевски во 92 минута, кој на нафрлена топка од корнер на Фелипе, биеше од прва. Се испружи голманот на Зенит, но ударот беше силен и прецизен и заврши во мрежата, за намалување на 2:1. Немаше време за нашиот шампион да направи уште една конкретна акција и да се обиде да го израмни резулатот. Конечниот резултат е 2:1, за тимот на Зенит. На овој натпревар, Вардар имаше дури осум удаи во рамките од голот на Зенит.
По враќањето во Скопје, нашиот фудбалски шампион ги очекува подготовки за неделниот натпревар во Струмица, против екипата на Академија Пандев.