Генерацијата 2005 на ФК Вардар го доби дербито со екипата на Работнички, на натпревар од 4.коло во регионалната-скопска лига. Попладнево на теренот на Академијата нашите млади надежи го совладаа градскиот ривал со резултат 3:0.
Тренерот Петковски го стартуваше ова дерби со следните 11-сетмина: Филевски, Јакимовски, Таневски, Кулуковски, Јованоски, Спасиќ, Величковски (c), Цветков, Антевски, Дошев и Серафимов.
Вардар тргна офанзивно, а прва шанса ја имавме преку Спасиќ кој се се закани, но неговиот удар беше блокиран. Потоа по нафрлена топка Јовановски со глава умешно шутна, сепак голманот на „романтичарите“ успеа да ја прифати. На сцена стапи капитенот, Никола Величковски кој имаше две прилики. Во првата по ударот со глава голманот на ривалот одбрани, во втората од „мртов агол“ успеа да изненади. Кога сите мислеа дека нема да успее да нафрли, Величковски погоди во подалечниот агол, атрактивниот гол ни донесе предност од 1-0 на овој градски дерби дуел. Ние и по погодокот имавме целосна иницијатива, ривалот не успеа во првиот дел да се закани, поседот во поголем дел од полувремето беше на наша страна. Потоа прилика имаше Ѓорѓи Дошев, но одбрани голманот на гостите. Противникот во последните две минути нападна,најпрвин со глава а потоа со нога од пред нашиот гол, одбранбениот играч Таневски одлично исфрли во поле. На пауза заминавме со минимална позитива од еден погодок (1:0)
Првиот директен удар во вториот дел го имаше Антевски, но одбрани голманот на Работнички. Избраниците на Петковски имаа поголем посед на топка и во вториот дел, обидувајќи се да стигнат до посиладна предност. Во следниот период по еден обид имаа и двете екипи, но ударите завршија над голот. Црвено-црните имаа добра прилика преку Антевски, кој продре од десната страна, се одлучи за удар, но на место е голманот на Работнички. Долго време беше активен резултатот 1:0, Вардар правеше напори за уште еден гол. Во шанса се најде и Величковски, после нафрлена топка од Цветков во противничкиот шеснаесетник највисоко скокна Величковски, кој бие со глава, но повторно противничкиот голман успешно брани. Во последните пет минути од натпреварот, Вардар успева да постигне два гола и да се погрижи за поубедлива победа. Најпрво со голот на Ѓорѓи Дошев поведовме со 2:0, додека во последната минута во листата на стрелци се запишува и Никола Уневски, кој ги постави конечните 3:0 на овој дерби дуел од регионалната-скопска лига.
Во игра во вториот дел влегоа и Илиевски, Ристовски, Стефановски и Уневски.