Денес на програмата беа возбудувањата од детската лига, на терените на ФК Работнички во Градски парк нашата генерација “2007“ предводена од Томче Трајановски одигра два меча. Противници во истите ни беа екипата на ФК Нова Колонија и тимот на ФК Кул. Нашите млади надежи од Вардар и во двата натпревари остварија победи.
Во првиот дуел ФК Вардар(1) генер. “2007“ се сретна со екипата на ФК Нова Колонија. Во првиот дел целосно доминиравме на теренот каде се играше 4+1 во две полувремиња во времетраење од 15 минути. Доминацијата во првиот период ја крунисавме со гол преку Марко Киш кој ефектно стрелаше за 1-0, резулат со кој се отиде на пауза. Во вториот дел нашиот состав тргна да ја обезбеди победата и по неколку акции конечно постигнавме гол за 2-0 преку Стефан Младеновски кој го постигна вториот и водедно последен погодок за црвено-црните на овој дуел во кој бевме целосно доминантни против солидната екипа на Нова Колонија.
Во вториот меч за оваа генерација ФК Вардар (2) се сретна со своите врсници од ФК Кул. Нашите момци тргнаа офанзивно уште по првиот судиски свиреж, што донесе целосна дефанзива на Кул. Отпорот на нашите противници го скршивме многу рано веќе во 2 минута од дуелот. Петар Мицевски беше највешт пред противничкиот голман и постигна гол за 1-0 веќе во 2 минута од првиот дел. Екипата на Кул заигра поангажирано со цел да изедначи но нивните обиди со голема вештина ги стопираше одличниот вардаров голман надежта на црвено-црните Лука Јаневски. Сепак нашите противници по неколку обида успеваат да го совладаат Лука за резулат 1-1. Ова црвено-црните ги заангажира, тие целосно ја префрлија играта на половината на Кул, и само среќата на нашите противници недозволуваше водство. Во 10 минута корнер за Вардар на аголот се наоѓа Петар Мицевски кој решава да шутира дирекно во голот, тој погодува на втора статива за 2-1 за нашиот тим. Мицевски до крајот на првиот дел имаше дузина шанси кој не успеа да ги претвори во погодок, а пак на нашиот гол Јаневски бележи одлични интервенции и ги собира аплаузите од гледалиштето. Со овој резулат 2-1 се заминува на одмор.
Вториот дел повторно почнува со доминација на црвено-црните, и повторно во шанса е Мицевски кој неуспева да погоди двапати по ред. Во 3 минута стига и третиот гол за нас Томовски Боријан со интелигентен удар зголемува на 3-1. Вардарци пробуваат да погодат и по четврти пат за да ја осигураат победата, така Котевски Петар испушта една зрела прилика од непосредна близина. Повторно најистакнат на теренот во продолжението е Лука кој покажува дека е вистински фудбалски “Вундеркинг“. Противниците успеваат да намалат на 3-2 во 11 минута од вториот дел по грешка на комплетната вардарова одбрана. Вардар преку Томовски пропушта шанса за гол, голманот на Кул во последен момент со лизгачки старт ја исфрла топката во нов корнер. Младиот и одличен фудбалер Мицевски се обидува повторно да постигне гол за хек-трик но голманот на противниците е повешт во секој негов обид. Се играше последната минута по одличен прием на топката Драган Лебариќ погодува за 4-2, само 30-сетина секунди подоцна судијата свири крај на овој возбудлив дуел.