Црвено-црните успешно ја поминаа првата пречка во квалификациите од лигата на шампионите. По нерешениот резултат во Шведска, Вардар успеа да го победи Малме и да се пласира во третата рунда од најголемото натпреварување. Творец на пресвртот во второто полувреме беше капитенот, Бобан Грнчаров, кој по центар шут на Фелипе од корнер, успеа со глава да ја забие топката во противничката мрежа. До крајот на мечот, Вардар постигна уште два гола, преку Барсегјан и Николов, за печат на триумфот и пласман во следното квалификациско коло од ЛШ.
-Првите минути од натпреварот ги одигравме лошо и во грч, но како одминуваше мечот игравме се подобро. Имаше притисок кој го почуствував, обично немам, но против Малме го имаше. Можете да замислите како им беше на моите помлади соиграчи. Не сакам да ги коментирам одлуките на судијата, но имаше пенал за нас на крајот од првото полувреме. Го дадов најважниот гол во мојата кариера, еден од најважните во историјата на Вардар. Тие што не веруваа во нас, им покажавме дека Вардар има квалитет. Сега малку ќе славиме, но од утре мислите ги насочуваме кон Копенхаген, рече капитенот Грнчаров.