Изминатиов викенд четири генерации на фудбалскиот клуб Вардар ги одиграа натпреварите од 9.првенствено коло, против екипата на Њу Старс, дуели на кои остваривме два нерешени резултати и по една победа и пораз.
Помладите пионери пропуштија уште една шанса да триумфираат и тоа повторно на домашен терен, што е многу за оваа надежна генерација на Вардар, која претходните две сезони беше шампион во регионалната лига. Втор натпревар оваа сезона играме без голови на домашен терен, што говори за неефикасноста во нападот на црвено-црните. Поделба на бодовите против Њу Старс беше најреален исход, со оглед дека двете екипи немаа некои големи шанси за отварање на резултатот,освен пречката на Георг Стојановски, како и неколку мешаници пред нашот гол, кои за среќа ги отстрани Јовчев. Во помладата пионерска супер лига имаме нов лидер, а тоа е екипата на Победа, која после триумфот против Вардар успеа да слави во уште едно дерби и тоа на гостински терен против уште еден конкурент за трофејот, тоа е екипата на Работнички, која на својот терен беше принудена да си замине со наведнати глави во дуелот со прилепчани кои славеа триумф со резултат 0:2. Победа има 18 бодови, второто и третото место го делат Работнички и Брегалница со по 16, додека на четвртото место е Вардар со 14 освоени бодови.
Пионерите и покрај нерешениот резултат останаа на првото место на табелата, но сега со само четири бодови повеќе од екипата на Работнички, која го искористи нашиот “кикс“ и славеше на домашен терен против Победа. Во последните две минути од мечот, Њу Старс постигна гол и ни “откинаа“ два важни бода во борбата за титулата. Во оваа лига, на третото и четвртото место се наоѓаат екипите на Ренова и А.Пандев кои имаат по 13 бодови, додека споменавме лидер е Вардар со 18 бодови.
Кадетите продолжуваат и понатаму да разочаруваат, претрпувајќи го шесттиот пораз во лигата. Не успеавме да освоиме бодови ниту против Њу Старс, па оваа генерација на Вардар најслабо котира на табелата. Со само 9 освоени бодови се наоѓаме на 6.место на табелата во конкуренција на десет екипи. Шкендија е прва на табелата со 25 освоени бодови, додека втора е Македонија Ѓ.П со 20 освоени бодови.
Младинците се единствение кои триумфираа во дуелите со противникот и тоа многу убедливо со резултат од 0:5. Ова беше вкупно осма победа за избраниците на Ане Андовски, со која се зацврстија на второто место на табелата. Лидерот Шкендија и понатаму не попушта и во ова коло славеше во дербито против екипата на Македонија Ѓ.П, на гостински терен со резултат од 0:2. Се повеќе е очигледно и јасно дека токму Вардар и Шкендија се единствените претеденти за трофејот во младинската супер-лига, со оглед дека Вардар му побегна на тимот на Македонија Ѓ.П на цели седум бодови, а дури единаесет повеќе од екипите на Шкупи и А.Пандев.
Следен противник за вардарци во рамките на 10.коло е екипата на Македонија Ѓ.П. Претходно пионерските екипи во среда на домашен терен ќе го одиграат одложеното коло против Брегалница.