Немил настан се случи на натпреварот од пионерската – супер лига, помеѓу екипите на Њу Старс и Вардар. Инаку голманот на вардаровите пионери, Кристијан Китановски после еден дуел со противнички играч, со главата падна на тревата по што изгуби воздух.
Само поради навремената и професионалната реакција на клупскиот доктор на Њу Старс, се работи за Јордан Манасиевски се избегна голема трагедија на овој дуел. Китановски бил во бесознание, од неговата уста излегувала пена, а неговото тело се тресело, Манасиевски бргу реагирал, ја отворил устата го повлекол јазикот и го спасил голманот на Вардар.
Директорот на Академијата на Вардар, Ѓорѓи Христов и координаторот, Сашо Милошевски искажуваат голема благодарност до докторот Јордан Манасиевски, кои како што велат, да бил некој друг доктор на негово место на овој натпревар, може ќе се случело и најлошото. Сепак неговото искуство било пресудно и бил спасен млад човечки живот.
Нашиот медиум го исконтактира и Китановски, кој кажа дека е добар и дека воопшто немало никаква намера од противничкиот играч, инаку се работи за Филип Костовски негов школски другар. Натпреварот е прекинат при резултат 2:2, а противникот на моменти прикажувал груба игра, додека главниот судија досудил пенал за Њу Старс, како и непостоечки индирект уште во првите минути од мечот.
Најважно од сето ова дека е се во ред со вардаровиот голман, благодарение на херојската реакција на докторот Манасиевски. Нашиот медиум кој активно ги следи мечевите на младинските екипи на Вардар му посакува се најдобро на Кристијан, со надеж дека веќе на следниот натпревар ќе го видиме на голот на црвено-црните.