Денес на националната Арена, „Тодор Проески“ екипата на ФК Вардар означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона, во која црвено-црните ќе играат во најсилната македонска фудбалска лига.
На денешниот прв собир предводен од шефот на стручниот штаб, Бобан Грнчаров, од „староседелците“ не се појавија Размоски, Вецески, Јусуфи и Јаневски, додека повратник во екипата е Мартин Блажевски. Со тимот денес тренираше и капитенот Дарко Мицевски, кој ја пропушти минатата полусезона поради повреда.
Со првиот тим ќе тренираат и играчи од младинската школа на клубот, Огнен Здравковски (2004), Тино Спасиќ, Ѓорѓи Дошев, Горјан Цветков и Матеј Митревски (2005) и Нуман Ајетовиќ (2006).
Во стручниот штаб треба да се приклучи и Влатко Колев кој ќе му помага на Грнчаров, додека дел од Вардар не е веќе Един Нурединоски, кој замина на „печалба“ во Саудиска Арабија.
Од утре, екипата ќе тренира на стадионот „Борис Трајковски“ а се очекува домашните натпревари во ПМФЛ да ги игра на градскиот стадион. Засега, нема официјално ново засилување за Вардар, а клубот до овој момент го напуштија младите Давор Серафимов и Марко Стојилевски, репрезентативци на Македонија до 18 години. Серафимов се пресели во Шкупи, додека Стојилевски ќе игра во Брера од Струмица.
Денес од клубот ја најавија и акцијата за купување на сезонски билет, за домашните натпревари на Вардар, по симболична цена од 1.000 денари, средства кои директно ќе одат за поддршка на клубот. Останува во следниот период да има новитети во клубот, каде акциите во целост ги превзема навивачката група „Комити“.