Monday ,13 May 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-18 > Дејан Маркоски: Тука нема да застанеме и ќе продолжиме во исто темпо до крајот на сезоната
Дејан Маркоски: Тука нема да застанеме и ќе продолжиме во исто темпо до крајот на сезоната

Дејан Маркоски: Тука нема да застанеме и ќе продолжиме во исто темпо до крајот на сезоната

Кадетите на фудбалскиот клуб Вардар ќе играат во големото финале од купот на Македонија. Црвено-црните беа подобри и на реваншот во Куманово, против екипата на Милано. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 0:2. Сите дилеми околу патникот во финалето ги решивме во првиот дел, кога имавме водство од 0:1. Во второто полувреме постигнавме уште еден гол, за вкупен резултат од 3:0 на двомечот со екипата на Милано. Стрелец на двата погодока на вчерашниот натпревар беше капитенот Дејан Маркоски, кој всушност погоди и на првиот натпревар одигран во Марино.

-Одигравме еден добар меч, на кој што знаевме што сакаме. Се боревме за секоја топка од теренот и тоа ни донесе резултат. Сите знаевме дека не чека тешко гостување. Милано е солидна екипа која добро “котира“ и во првенството, но ние сме Вардар и мораме да победуваме. Целата екипа игра на едно повисоко ниво, кое дојде во вистинско време, а нашиот тренер Влатко Колев е најзаслужен за нашите добри резултати. Психолошки сме повеќе подготвени и доволно мотивирани до крај да се бориме за двете титули. Се надевам дека тука нема да застанеме и ќе продолжиме во исто темпо до крајот на сезоната.

Академија Пандев ќе биде последната пречка за Вардарци, кон освојување на трофејот од купот. Тие исто така со две победи го елиминираа тимот на Работнички. Екипата од Струмица е наш противник и во саботното 18 коло во лигата.

-Во финалето на купот, како и во следното првенствено коло за противник ќе ја имаме Академија Пандев. Тоа е одлична колективна екипа со неколку играчи кои покажуваат голем квалитет во својата игра. Во двата дуела ќе влеземе максимално мотивирани, па подобриот на крајот нека победи. Најважно е да останеме сконцетрирани до крајот на сезоната, зошто секој освоен бод ни е важен во борбата за титулата, изјави Дејан Маркоски.

Звонко Ивановски