Младинците на ФК Вардар денес на теренот во населбата Марино го одиграа треттото пролетно коло во првенството. Избраниците на Љупчо Марковски на убедлив начин го добија дербито со екипата на Пелистер. Конечниот резултат гласеше 4:0. Стрелци на головите беа Теодор Димитровски, Јасир Беќири (2) и Кристијан Апостоловски.
Нашите младинци денес немаа достоен противник пред себе и без поголеми проблеми ја забележаа треттата последователна победа. Претходно да потсетиме во пролетниот дел ги добивме дуелите со екипите на Работнички и Прилепска Победа. Сепак Пелистер по првото полувреме одржување некаква резултатска рамнотежа и одолеваше на нападите на црвено-црните. На одмор се замина со минимално водство на Вардар од 1:0. Стрелец на првиот погодок беше играчот од средниот ред Теодор Димитровски.
Во второто полувреме имавме висока реализација на искористени шанси, што резултираше со убедлив триумф. На првиот погодок во вториот дел не се чекаше многу време, откако Јасир Беќири успешно стрелаше за зголемување на водството од 2:0. Кристијан Апостоловски дефинитивно во овој дел од сезоната влегува во голгетерска серија, откако и денес успеа да се запише во листата на стрелци за веќе солидно водство од 3:0. Црвено-црните не запреа со нападите, што резултираше со четврти гол во мрежата на Пелистер. Јасир Беќири ги постави конечните 4:0. На овој натпревар Вардар беше ослабен поради неиграњето на Ердон Даци и голманот Филип Трајчевски кои имаа репрезентативни обврски.
ФК Вардар: Ѓоргиоски, Ричков, Јошевски, Исмаил, Личина, Димков, Додевски, Димитровски, Кремчески, Беќири и Апостоловски.