Утрово на терените на ФФМ ново коло во детската лига одигра генерацијата на ФК Вардар родени 2008 година, кои беа подобри во дуелите со екипата на Њу Старс.
Најпрво на теренот излезе Вардар (1) кој го совлада тимот на Њу Старс (1), убедливо со резултат 8:2. Првиот директен удар на мечот го имаа вардарци преку Иван Ташовски кој шутира покрај голот, но првиот погодок падна во нашата мрежа, за водство на Њу Старс од 0:1. Сепак избраниците на Колев бргу се разбудија и до крајот на првото полувреме ја наполнија мрежата на противникот. Набргу го израмнуваме резултатот на 1:1 со голот на Ненад Дамјаноски, откако Блажевски му асистираше од десната страна, Дамјаноски немаше проблем да ја смести топката во мрежата за израмнување на резултатот. Само една минута подоцна се случи и резултатски пресврт на овој дуел, откако погоди Арти Азизи за предност на Вардар од 2:1.
Се разиграа нашите млади надежи, кои постојано атакуваа кон голот на Њу Старс, а падна уште еден гол, повторно истата акција ја изведоа Блажевски кој асистира до Дамјаноски, кој со својот втор гол зголеми на 3:1. Погоди и асистенот на двата гола, овој пат Петар Блажевски се запишува во листата на стрелци, за водство на црвено-црните од 4:1. Следните два гола беа дело на Лука Трпевски, со кои зголемивме на 6:1. Одбрана имаше и Грчевски, додека во последните минути од првиот дел противникот успева да намали на 6:2.
Подобри бевме и во вториот дел, кога во листата на стрелци се запиша и Матеј Киш за предност од 7:2, додека обид имаше и Бранковски кој шутира покрај голот. Имавме можност да го зголемиме резултатот, но Азизи немаше среќа кога ја погоди стативата, додека Бранковски не успеа да реализира пенал. Повторно Стефан Бранковски се најде во добра прилика, но одбрани голманот на Њу Старс. Нова статива во вториот дел погоди Азизи, додека со голот на истиов играч беше поставен конечниот резултат од 8:2.
До триумф стигна и Вардар (2) во дуелот со екипата на Њу Старс (2). И тука имавме најголем дел од играта, а покрај постигнатите голови имавме уште неколку добри шанси за поубедлив триумф. Трпевски Лука беше играчот кој го имаше првиот директен удар кој оди над голот, додека се обиде и Бошковски, но одбрани голманот на противникот.
Голема прилика за отварање на резултатот имавме преку Огнен Бојковски кој ја погоди стативата. Сепак во наредните минути стигна и предноста за вардарци, за 1:0 погоди Стефан Бранковски. Откако противникот направи три корни беше досуден пенал за нас. Истиот го шутираше Лука Трпевски кој ја погоди само стативата, но на одбиената топка натрча Бојан Пешов кој погоди за 2:0. Овој резултат беше актуелен на полувреме.
Прв кој се закани во вториот дел беше Трпевски, но одбрани голманот на противникот, додека најголемата прилика во овој дел од мечот ја имавме преку Матеј Киш кој од прекин ја погоди стативата, а немавме среќа и кога Трпевски ја погоди пречката од голот. Прв посериозен удар упати и противникот, но на висина на задачата беше Лука Грчевски кој одбрани.
Од прекин исто така се обиде Њу Старс, но топката оди покрај голот, додека во нашите редови шанса имаше Коста Бошковски, но брани голманот. Можност да се запише во листата на стрелци имаше и Стефан Марковски, кој ја погоди стативата после нафрлена топка од корнер. Обид и за Киш, но одбрани голманот на Њу Старс, додека во последните пет минути постигнавме три нови голови. Иван Ташовски беше играчот кој ги постигна следните два гола, најпрво од игра за 3:0, додека набрзо и од пенал за водство од 4:0. Конечниот резултат од 5:0 беше дело на Марко Шотаровски.