Генерацијата на ФК Вардар родени “2008„ година имаа победничко коло во детската лига, откако денес на терените на ФФМ ги совладаа екипите на Куманово и Работнички.
Вардар (1) и понатаму продолжува со победите, а денес пред налетите на шампионската генерација наиде екипата на Куманово, која на крајот мораше да се помири со пораз. Иако Куманово прв го отвори резултатот и имаше предност од 0:1 тоа воопшто не беше проблем за избраниците на Крстев до крајот на мечот да ја наполнат противничката мрежа. После негативата, кон голот на Куманово се закани капитенот Дамјановски кој биеше, но одбрани голманот на противникот. Набргу стигна и израмнувачкиот гол, откако од голема далечина биеше Иван Ташовски, ударот одеше по земја, а голманот на Куманово беше покриен, па немаше време да реагира, по што беше принуден да ја вади топката од мрежата, резултатот во тој момент беше 1:1. Вардарци сакаа да поведат до крајот на првиот дел и во тоа успеаа. Голема прилика имаше Арти Азизи, кој биеше силно, голманот на Куманово ја зафати топката доволно за истата да заврши во пречката за среќа на кумановчани. Се закани и Бранковски, но резултатот остана непроменет. Не можеше вечно Куманово да се брани и да одолева на нашите напади. Кога не можеме од прва ке погодиме од втора, тоа ни успева во иста акција кога најпрво при една мешаница, Дамјаноски погоди статива, но топката се одби до Сребров кој од непосредна близина ја смести топката во мрежата за прво водство на Вардар од 2:1. До крајот на првиот дел се закани и Матеј Киш, но одбрани голманот.
Доминација целосна на Вардар и вовториот дел, иако Куманово даваше отпор и се обидуваше да направи нешто повеќе, сепак овој шампионски тим беше денес пресилен за противникот. Само што започна второто полувреме, во својот прв напад, црвено-црните зголемуваат на 3:1, голот е дело на младиот Лука Трпевски, кој е родени “2009„ година. Проба повторно дефанзивецот Ташовски, но чуварот на мрежата на Куманово овој пат му го брани ударот. “Јубилејен„ десетти гол оваа сезона во ударите од белата точка и за нашиот одличен голман, Лука Грчевски, кој покрај тоа што дава сигурност на нашиот тим со неговите одбрани, има и голгетерески квалитети. Откако противникот направи три корни, тоа значеше пенал за Вардар, кој успешно го реализира Грчевски за водство од 4:1. “Петарда„ во мрежата на Куманово, со својот прв гол денес и Стефан Бранковски, откако успешно му асистираше Азизи, за зголемување на 5:1. Супериорниот Вардар не застана со нападите, а таквата игра донесе нов гол. Втор на мечот за Лука Трпевски кој зголеми на 6:1. До крајот на мечот за одбележување е парадата на Грчевски, кој спречи гол за Куманово. На крајот висок триумф за Вардар.
До убедлива победа стигна и екипата на Вардар (2) во дуелот со градскиот ривал, тимот на Работнички, над кој славевме високо со резултат 8:1. Првиот удар на мечот го имаше Марковски, но одбрани голманот, но не и во втората акција, кога Стефан Марковски успева да го отвори резултатот за предност на Вардар од 1:0. И тука имавме поголем посед на топка и најголем дел од играта се одвиваше на противничката половина. Се обиде и Филиповски, но одбрани голманот, а резултатот на 2:0 го зголеми Коста Бошковски, кој погоди откако му асистираше Марковски.
Прв директен удар и за противникот, кој го одбрани Дарко Јовчев, додека кај Вардар се закани повторно Коста Бошковски, но одбранет е неговиот удар. Матеј Киш е следниот играч кај црвено-црните кој се запишува во листата на стрелци и кој зголемува на 3:0. Петар Јаковчевски исто така имаше обид, но одбрани голманот, а нова одбрана ќе одбележиме и за Јовчев. Петар Блажевски беше играчот кој со гол го затвори првиот дел и зголеми на 4:0.
Во вториот дел беа постигнати уште пет голови, од кои четири во мрежата на Работнички. Во овој дел од натпреварот погодија Петар Јаковлевски, Матеј Киш, Филип Сребров и Коста Бошковски, за конечниот резултат на овој дуел од детската лига да гласи 8:1.