Нашите пионерски екипи денес гостуваа на екипата на Шкупи, на натпреварите од 8.првенствено коло. Остваривме половичен успех од една победа и пораз.
Помладите пионери после осум одиграни натпревари го претрпеа првиот пораз сезонава. Шкупи беше подобар кој на крајот славеше победа со резултат од 3:2. Уште во 2.минута од натпреварот домашниот тим успеа да го отвори резултатот, за во 28.минута да зголемат и на 2:0, резултатот кој беше и актуелен на полувреме. Во второто полувреме, вардарци не се откажаа и комплетно се вратија во игра. Игравме многу офанзивно и помотивирано, па таквата игра ни донесе и погодок. Се играше 56 минута од натпреварот кога Алтин Нурединовски успеа да намали на 2:1. Црвено-црните се вратија во натпреварот кога во 78 минута израмнија на 2:2 со голот на Дарко Сековски. Имавме шанса и после израмнувачкиот погодок, која не ја искористивме, за домашниот тим да постигне гол во нашата мрежа и да ги постави конечните 3:2 на натпреварот.
Без разлика на поразот, Вардар останува лидер во помладата пионерска Супер лига.
Вардар: Краљевски, Миовски, Порчу (К), Ајетовиќ, Величковски, Коловски, Нурединовски, Коловски, Лефковски, Танчев и Сековски.
На денешниот меч шанса за игра добија и Анастасов и Цониќ.
Многу важна победа за подигнување на самодовербата до крајот на есенскиот дел забележаа нашите пионери, кои успеаа да ја прекинат серијата од два последователни порази. Денес нашите пионери беа убедливи и славеа со резултат 0:3 на гостувањето кај екипата на Шкупи. Добра игра на вардарци која на крајот резултираше со победа. После десет минути игра успеавме да го отвориме резултатот со голот на капитенот Горјан Цветков кој погоди од белата точка, откако претходно фаулиран во противничкиот шеснаесетник беше Алији. Со резултат 0:1 се замина на полувреме.
Вардарци продолжија со офанзивна игра во вториот дел од натпреварот, додека домаќинот беше во подредена улога. Во 70 минута после една одбиена топка, Зоран Фидановски беше играчот кој успева да се запише во листата на стрелци за водство од 0:2, додека пет минути подоцна конечните 0:3 ги постави Алтин Алији, кој погоди после центар шут од левата страна на Серафимов, нашиот напаѓач Алији ја прими топката упатувајќи ја прецизно во десниот агол.
Ова беше само трет триумф сезонава за вардаровите пионери, но многу важен за подигање на самодовербата кај оваа генерација.
Вардар: Илиевски, Трајчевски, Фидановски, Серафимов, Митревски, Кулуковски, Јакимовски, Спасиќ, Алији, Цветков (К) и Бундалески.
Играа и Кузмановски, Ристовски, Николовски, Туша и Цикарски.