Денес на терените на фудбалската федерација на Македонија продолжија натпреварите во рамките на детската лига, за генерации родени “2002“ година. Вардаровата генерација предводена од Петар Ѓорѓиевски одигра натпревар против екипата на Скупи, со која ги подели бодовите. Конечниот резултат на овој меч гласеше 1:1.
Стартувавме со следниов состав: Величковски, Ѓорѓиевски, Симев, Костовски, Асенов, Давидовски, Трајановски, Речица, Игнатов, Димитров, Фазлиу.
Црвено-црните добро го започнаа натпреварот со игра претежно на половината на Скупи. Прв во шанса се најде Леонид Игнатов кој шутираше од добра позиција, но противичкиот голман го брани неговиот удар. Имаше и поништен гол за Вардар, поради офсајд, па резултатот и понатаму остана непроменет. Противникот ја имаше првата шанса некаде во средината на првото полувреме, поради едно невнимание во нашата одбрана се најдоа во прилика да го загрозат нашиот гол, но Величковски успешно интервенираше. Во следниот период се играше без поголеми шанси на двете страни, со игра претежно по средината на теренот. До крајот на првиот дел, Игнатов повторно се обиде со удар од голема далечина, кој заврши над голот на Скупи. По првото полувреме, резултатот беше оној почетниот 0:0.
Во првите пет минути од вториот дел успеваме да поведеме со 1:0. По центар шут на Трајановски, Асенов беше највисок во скокот и со глава ја смести топката во противничката мрежа за водство од 1:0. Скупи имаше можност за брзо време да израмни, но Величковски денес спаси неколку добри топки. Во овој период од играта во игра влегоаа Пешовски и Андреев, на местото на Костовски и Речица. Во наредниот период како да падна темпото на игра во редовите на Вардар. Неколку грешки во дефанзивниот дел, му овозможија на Скупи да го израмни резултатот на 1:1. При една акција во нашиот шеснаесетник соборен беше еден од играчите на Скупи, па судијата се одлучи да покаже на белата точка, кој прецизно го претворија во гол еден од играчите на противникот. По израмнувачкиот погодок, Вардар тргна на се или ништо. Дарко Димитров имаше повеќе од добра шанса да израмни, откако беше побрз од противничките дефанзивци и речиси сам изби пред голманот, но овој последниот не дозволува повторно водство за Вардар. Немавме среќа и при еден слободен удар, кога топката беше нафрлена пред голот на Скупи. Пешовски биеше со глава, но топката ја погоди само стативата. Немаше уште многу време за игра, па судијата свирна крај на натпреварот. Ова е прв нерешен резултат за оваа Вардарова генерација во детската лига.